ЕУ известувачот за Македонија Ховит: Ситуацијата за Македонија е многу сериозна и тешка

Четврток, 14 февруари 2013 – Членовите на Поткомисија за човекови права на Европскиот парламент, Ричард Ховит и Ципиран Матеи кои денеска се во посета на РМ, повикаа сите страни максимално да го зајакнат политичкиот дијалог. Нивната оценка е дека состојбата е многу сериозна за земјата и за нејзината иднина во Европа. 

Членовите на Поткомисија за човекови права на Европскиот парламент, Ричард Ховит и Ципиран Матеи денеска остварија средби со македонскиот државен врв. Известувачот за Македонија во Европскиот парламент даде делумна оценка за случувањата во Собранието и политичката состојба во земјава. 

„Состојбата е многу сериозна и за земјата и за нејзината иднина во Европа. Ќе имам многу повеќе да кажам утре, но мој приоритет е најпрвин да ги сослушам и да поразговарам со сите партии. Тогаш ќе ја оформам мојата изјава во целост“, изјави ЕУ известувачот за Македонија Ричард Ховит, по средбата со претседателот на собранието, Трајко Вељаноски. 

По посетата во Собранието и средбата со пратениците кои беа претежно од владејачката партија Ховит појаснил дека разбира оти отсуството на опозицијата, фрла сенка во работата на Собранието, но според него важно е ситуацијата да не се одрази на почитувањето на основните права и слободи. Неговите забелешки ќе бидат вклучени во извештајот на Европската Комисија за напредокот на РМ.