/ Прочитано:

1.953

ЕУ ја казни компанијата „Гугл“ со 2,42 милијарди евра поради злоупотреба на својата доминација на пазарот

Во следните три месеци, како што велат во Европската комисија, „Гугл“ ќе мора да стави крај на фаворизирањето на интернет пребарувањето, доколку не сака да се соочи со нови казни. Официјален Брисел најавува и казни во висина од 5 отсто од просечниот дневен приход на компанијата, што според некои пресметки би можело да достигне и до 14 милиони евра дневно.

Заради искористување на доминантната положба на пазарот, Европската Унија ја казни мултинационалната ИТ-компанија „Гугл“ со неверојатно висока сума, односно со 2,42 милијарди евра. Компанијата е казнета поради фаворизирање на својата веб-трговија во резултатите при пребарување. Имено, оваа најпопуларна компанија за интернет пребарување ја искористила својата доминантна позиција, со цел да промовира своја нова услуга.

Затоа Европската комисија смета дека со споредување на производи преку „Гугл“, корисниците се наведуваат на купување услуги на „Гугл“, а тоа според Европската комисија се смета за нелојална конкуренција и кршење на антимонополски правила во Европската Унија.

Според Европската комисија, ваквата одлука е донесена по исцрпна седумгодишна истрага, при која се земени предвид низа приговори од конкурентските компании на „Гугл“, како што е „Трипадвајзер“. Во следните три месеци, како што велат во Европската комисија, „Гугл“ ќе мора да стави крај на фаворизирањето на интернет пребарувањето, доколку не сака да се соочи со нови казни. Официјален Брисел најавува и казни во висина од 5 отсто од просечниот дневен приход на компанијата, што според некои пресметки би можело да достигне до 14 милиони евра дневно.

Еврокомесарката за политика на конкуренција, Маргарет Вестагер, вели дека стратегијата на компанијата за пребарување не само што послужила за привлекување на поголем број клиенти, туку и за злоупотреба на својата доминација на пазарот како пребарувач, преку промовирање на сопствената услуга за споредување во резултатите од пребарувањето и демотивирање на конкурентите.

Вестагер потенцира дека бизнис тактиката на ИТ-гигантот „Гугл“ е нелегална во согласност со антимонополските правила на Европската Унија.

„’Гугл’ ја отфрли шансата на другите компании да се натпреваруваат според заслугите и да иновираат. И што е најважно, ова придонесува за тоа европските потрошувачи да не можат да направат вистински избор на услугите и целосните придобивки од иновацијата“, изјави еврокомесарката Вестагер.

А. Б.