/ Прочитано:

1.806

Евро за грст динари

Економијата во Србија се наоѓа пред целосен колапс и единствено се чека колапсот да се случи. Како во овдешната верзија на новелата „Хроника на една најавена смрт“ на Габриел Гарсија Маркез каде наместо во човек се пука во динарот – сите ова го знаат, но никој не презема ништо. Особено не српските политичари.

„Си беше еднаш во дивата Србија“…

Ај што целосниот колапс на динарот е закана Србија да се претвори во Грција,Жикино оро во Сиртаки, со тенденција на крајот да засвири и Посмртниот марш. И ај што сите Срби и останатите етнички заедници го набљудуваат колапсот на националната валута, смирени и опуштени, како мексикански селани со навлечено сомбреро на главата во некоја селендра, немо гледајќи ги странците со дизајнирани костуми како влегуваат во градот, тропаат на вратите на банките, се бацуваат со менаџерите наместо да им стават колт во устата, а потоа со црни џипови изнесуваат вреќи со пари од банките, додека службениците од шалтерите излегуваат надвор и им мавтаат со бели марамчиња, додека облаци од прашина ја прекриваат сцената во балканската верзија на шпагети-вестернот со романтичен наслов „Си беше еднаш во дивата Србија“…

Во филмовите на Серџо Леоне би биле претставени како очајници што јаваат со денови по камената пустина за да дојдат до реката Рио Пекос, за потоа да ја преминат  и дојдат до забранетата зона, на територијата на која не смее да стапне ниту федералниот шериф.

Но ова е 2012 година, лето господово. Нема очајници кои компулсивно џвакаат тутун, нема осамени ловци на уцени кои имаат проблем со врзувањето, па не можат да се смират до некоја драга… Ова е кулминација на неолиберален капитализам, овде, на дивиот исток. Затоа финансиските брокери не дадоа гас и не јурнаа кон граница, туку отидоа во некој од белградките климатизирани хотели, седнаа во џакузи и на секретарката и наредија да изврши трансфер од милиони евра на некој од “оф шор“ сметките во странство.

Економијата во Србија е пред целосен колапс и на кој не му се допаѓа метафората во вестернот, нека ја замисли „Хроника на една најавена смрт“ од Габриел Габриел Маркез, но во домашна верзија, во која наместо во човекот, се пука во динарот.

И сите знаат за тоа! По форумите, на тркалезните маси и на телевизиите на големо се расправа. За тоа озборуваат тетки, вујни, стрини на пазарите, тоа го претскажуваат вуду-бабите и гатачките од источна Србија, со тоа се занимаваат и водечките политичари во Белград, само за сите освен за нив им е студено околу срцето.

Само на политичките владетели на Србија не им паѓа на памет да формираат Влада затоа што се свесни дека за неколку месеци ќе молат што не останале опозиција.

Динарот за тоа време неуморно паѓа во однос на еврото и ајде да не пуштиме академски солзи и да констатираме дека тоа е резултат на ниската конкурентност  на  домашна економија и нејзините слаби извозни перфоманси.

„Подобро е 100- години да живеам како милионер, отколку 7 дена да бидам сиромашен“

Во пресрет на Новата 2012 година, средниот курс на еврото беше 104,9 динари, а денес (28 јуни) изнесува 116,21 динари. Меѓутоа, веќе во февруари се забележуваа две работи: дека ќе има избори и дека курсот ќе експлодира. Така еврото на 9 февруари 2012 година го надмина износот од 108 динари и покрај интервенцијата на НБС со релативно мала сума од 10 милиони евра, како би спречила прекумерна дневна осцилација на курсот и загрозување на стабилноста на финансискиот систем.

Што инаку е омилената фраза на образованите економисти што има еднаква филозофска тежина како и монологот на стариот Гриунф во култниот стрип наАлан Форд. „Подобро е 100- години да живеам како милионер, отколку 7 дена да бидам сиромашен“. Курсот на динарот ја премина дотогашната граница на најслаб динар од 4 ноември 201 година (кога официјално средниот курс изнесуваше 107,52 динара за едно евро). Ден потоа, на 10 февруари, падот надинарот доживеа уште еден максимум од 109 динари за евро, на 27 февруари ја помина границата со 110 динари за евро, а по 14 март курсот изнесуваше преку 111 динари за евро. Од почетокот на 2008 година до денес. Вредноста на домашната валута спрема еврото падна за 33%, а цените пораснаа за 37% што јасно го покажува влијанието на девизниот курс на движењето на цените.

Фискалниот совет, еден вид совет на економските старци, дури по завршувањето на парламентарните и вториот круг на претседателските избори, ја размрда нацијата во хибернација со некакви мрачни прогнози за кризата на јавните финансии.

Седокосиот гувернер

И конечно, да го оставиме на страна тоа што гувернерот на Народната банка на Србија, Дејан Шошкиќ, некогаш најдобриот ученик на Белградскиот универзитет и неоспорно чесен дечко, потполно просед и со своите 45 години веќе личи на старец кој чека да дојдат по него и да го однесат во непознат правец.

И на страна тоа што седиот Дејан од почетокот на оваа година од девизните резерви потроши 1,3 милијарди евра за да го одбрани динарот како Сталин град, но се залудно. Динарот повеќе расте.

А како да је расте? Американската мултиционална корпорација Ју-ес-стил ја напушти смедеревската железарија и од почетокот на годината инвестициите во вредност од 375 милиони евра се одлеаја. Тоа е сумата која државата ја плати за сопственост во Телеком (на грчкиот ОТЕ), а истовремено и другиот оператор, норвешкиот Теленор, извлече профит.

Во првите три месеци од земјата излегоа милијарда евра повеќе отколку што во неа влегле, додека за целото тоа време српските политичари и јавниот сектор, во превод: партиски луѓе во јавните претпријатија, се однесуваа како пијани милионери гледајќи од палубата на Титаник кон ледениот брег, и наместо да го разбудат капетанот и да го подигнат кормилото, тие умираа од смеење и нарачуваа песни. Тоа значи дека од буџетот е потрошено двојно повеќе од она што смеевме.

Курсот едноставно мораше да оди нагоре, а сите ние заедно со него надолу.Во провалија. Верувајте ми на зборот, како корисник на станбен кредит со валутна клаузула, тоа најдобро го знам, и му се жалам на Бога што не сум Чех, затоа што нивната херојска влада којашто дочекуваше странски банкари, одигра груба но совршена патриотска игра, забранувајќи им на странците да делат кредити во евра.

Сега седокосиот гувернер, без влада што го штити, истурен е во прв план. Без политички грб, добриот и тажен дечко на српската економија, така млад, а веќе стар, се соочува со барањата на тајкуните што се задолжиле во евра, му се јавуваат и извозници кои го молат за уште еден послаб динар, а сетоа тоа се случува под лупата на странските банкари и лобисти кои со шпекулативни активности ги завлекуваат нашите девизни резерви од земјата. Имаме уште околу 10 милијарди евра девизни резерви, но нивното активирање за одбраната на динарот би било нешто малку полудо од возење по автопат Белград-Ниш со два промили алкохол во крвта, и тоа во спротивен правец.

Така всушност руската рубља, при крајот на деведесеттите од минатиот век, доживеа крах што пак го предизвика пензионирањето на Борис Елцин и раѓањето на Владимир Путин.

Ја чека ли Србија слично сценарио?

Шошкиќ предупредува на тоа и паралелно ги затегнува монетарните узди, додека повеќето Срби, според анкетите, брзаа на море. Околу 64% од граѓаните кои патуваат преку туристичките агенции, или 70% од оние кои патуваат во сопствен аранжман, според анкетите, ќе летуваат во Грција.Србија гори, а Србите се чешлаат, да ја парафризирам народната поговорка за спокојното очекување на сопствената пропаст.

Дали масовниот туристички егзодус ќе ги отрезни Србите или, како што верувам, според веќе запишаната судбина, ќе го потрошат и последниот динар – како цареви, за потоа голи, боси и бесни да се вратат во татковината и да чекаат да се запали есенскиот пожар.

Никој нема да знае што тогаш ќе гори, дали до тогаш Србија ќе добие влада, и никој нема да знае колку тогаш ќе вреди еврото. Можеби сепак ќе може да се купи за грст динари.