Европратениците ѝ го укинаа пратеничкиот имунитет на Марин Ле Пен – француската кандидатка за претседател
Прелиминарната одлука за укинување на пратеничкиот имунитет на Ле Пен, која вчера ја донесе Комитетот за правни прашања на Европскиот парламент, денеска само беше потврдена од страна на мнозинството европратеници. Европските парламентарци гласаа за одземање на имунитетот на Ле Пен поради тоа што кон крајот на 2015 година таа на својот профил на „Твитер“ објавувала фотографии од злосторства извршени од страна на џихадистичката организација Исламска држава.
На Марин Ле Пен, лидер на Националниот фронт и кандидатка за претседател на Франција, денеска пратениците во Европскиот парламент ѝ го одзедоа имунитетот поради тоа што на својот профил на „Твитер“ објавувала фотографии од злосторства извршени од страна на џихадистичката организација Исламска држава. Инаку, пратеничкиот имунитет ја заштитува Ле Пен од поведување на кривична постапка, но со тоа што сега веќе ѝ е одземен, постои можност против неа да биде поведена казнена постапка.
Светските медиуми денеска пишуваат дека Марин Ле Пен би можела да одговара за казнено дело „објавување насилни фотографии“ и доколку биде прогласена за виновна, би ѝ била изречена затворска казна од три години и парична казна во износ од 75 илјади евра.
Имено, мнозинството европратеници гласаа за укинување на нејзиниот имунитет, бидејќи Ле Пен кон крајот на 2015 година на „Твитер“ објавила три фотографии на кои се прикажани егзекуции извршени од страна на Исламска држава, а една од фотографиите беше и онаа на која е прикажано обезглавувањето на американскиот новинар Џејмс Фоли, на што бурно реагираа неговите родители. Објавените фотографии, како што изјави таа тогаш, се одговор на извештаите на некои медиуми кои нејзината партија ја споредуваа со Исламска држава, поради што Ле Пен под една од фотографиите напиша: „Ова е Исламска држава“.
Прелиминарната одлука за укинување на пратеничкиот имунитет на Ле Пен, која вчера ја донесе Комитетот за правни прашања на Европскиот парламент, денеска само беше потврдена од страна на мнозинството европратеници.
Марин Ле Пен е лидер на Националниот фронт, екстремно десноориентирана партија во Франција, која постои 45 години, но нејзината популарност се зголемува во последниве неколку години откако Европа се соочува со масовен прилив на бегалци и мигранти, па оваа националистичка партија употребува популистичка реторика, со цел да го промовира својот цврст антиимиграциски став. Исто така, партијата на Ле Пен добива сѐ поголемо значење во земјата откако Британците на референдум одлучија Обединетото Кралство да излезе од Европската Унија и откако на претседателската функција во САД дојде, како што многумина го нарекуваат, контроверзниот бизнисмен Доналд Трамп.
А. Б.