/ Прочитано:

1.473

Европратениците ја изгласаа Резолуцијата за Македонија

Известувачот за Македонија, Иво Вајгл, истакна дека Европскиот парламент позитивно го нотира прогресот на Македонија кон членство во ЕУ. „Новата Влада е посветена на важните реформи, што овозможи да се одржат транспарентни избори и надминување на долготрајната политичка криза. Македонија сега треба да го забрза процесот на усвојување на стандардите, вредностите и принципите на ЕУ, како и да придонесува за стабилноста на Западен Балкан“, рече Вајгл.

Европскиот парламент со 503 гласови „за“, 113 „против“ и 45 „воздржани“ ја усвои Резолуцијата која се однесува на Извештајот на Европската комисија за Република Македонија за 2016 година.

Резолуцијата беше предложена од страна на словенечкиот европратеник Иво Вајгл, а документот претрпе мали промени, кои се однесуваа на напредокот на ситуацијата во Македонија. Вкупно беа поднесени 40 амандмани.

Европскиот парламент во Резолуцијата го поздравува формирањето на новата Влада и апелира до сите политички партии да се обнови довербата во земјата и во нејзините институции.

Европратениците, исто така, ја повикуваат новата Влада да ги продолжи напорите кон интеграција во Европската Унија. Тие побараа целосна заложба за реализација на реформите во повеќе клучни области: владеење на правото, борба против корупцијата, почитување на основните човекови права и добрососедските односи.

„Штом ќе се постигне видлив прогрес во примената на Договорот од Пржино и идните реформски приоритети, Европскиот парламент ќе поддржи отворање на пристапните преговори на земјата со ЕУ“, се наведува во усвоената Резолуција.

Осврнувајќи се на 2016 година, ЕП изразува жалење поради застојот во реформите во судството и поради политичкото мешање во назначувањето судии и обвинители.

Известувачот за Македонија, Вајгл, истакна дека Европскиот парламент позитивно го нотира прогресот на Македонија кон членство во ЕУ.

„Новата Влада е посветена на важните реформи, што овозможи да се одржат транспарентни избори и надминување на долготрајната политичка криза. Македонија сега треба да го забрза процесот на усвојување на стандардите, вредностите и принципите на ЕУ, како и да придонесува за стабилноста на Западен Балкан“, рече Вајгл.

За време на оваа јунска сесија во Стразбур, не се водеше дебата пред гласањето, бидејќи европратениците веќе дебатираа за Извештајот и за ситуацијата во Македонија за време на мајската сесија, откако претходно беше одложено гласањето, сè додека не се разјасни политичката ситуација во Македонија.

Со оваа резолуција, која беше усвоена од Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, уште еднаш се препорачува започнување на преговорите за членство на Република Македонија во Европската Унија.

Во контекст на ова, премиерот Зоран Заев денеска изјави дека со секоја дискусија во институциите на Европската Унија очекува позитивни импликации. Запрашан дали очекува препорака за преговори, Заев истакна:

„Знаете дека ние имаме условена препорака. Првиот чекор, логично, е да се тргне условеноста на препораката, да опстои препораката, а нашата желба е да отпочнеме преговори со Европската Унија. Се надевам дека тоa бргу ќе се придвижи. Секако, зависи многу од реформите, но зависи и од нашите соседи, пред сè, од Грција, но зависи и како што знаете, и од Бугарија поради непотпишаниот договор. Работиме во тој правец, сè со конечна цел час поскоро, ден поскоро, да може да се одблокираат ваквите процеси“, изјави премиерот. 

Инаку, пратениците во Европскиот парламент во текот на денешната расправа за годишниот извештај за Косово ја повикаа Приштина на брзо формирање на нова влада и на спроведување на договореното со Белград.

Европскиот парламент од новите косовски власти очекува да ги исполнат своите обврски како услов за добивање на безвизниот режим, кои опфаќаат ратификување на Договорот за демаркација на границата со Црна Гора, постигнување видливи резултати во борбата против организираниот криминал и корупцијата и формирање на Заедницата на српски општини.

Во текот на дебатата беше констатирано дека во изминатата година во Косово е остварен одреден напредок во односите со ЕУ, но дека, сепак, работите не напредувале колку што сакале и граѓаните и Eвропскиот парламент.

Што се однесува до процесот на нормализирање на односите меѓу Приштина и Белград, беше речено дека е постигнат напредок и дека многу е договорено, но дека спроведувањето на договореното сè уште изостанува од двете страни.

Известувачот на Европскиот парламент за Србија, Дејвид Мекалистер, исто така, повика на брзо формирање на Владата во Косово, а меѓу приоритетите тој ги посочи унапредувањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина, имплементирање на досега постигнатите договори, како и вклучување на српската заедница од северно Косово.

А. Б.