/ Прочитано:

2.103

Европската администрација е најдобро платена во светот

Кон крајот на декември 2016 година, германскиот „Цајт“ напиша дека бруто-платите на вработените во институциите на ЕУ се движат од 2.400 до 18.000 евра, голем број од вработените примаат и додаток од 16 отсто за живот во странство. Во овој систем, на врвот секако се 28-те еврокомесари, кои примаат основна бруто-плата од околу 20.000 евра, додаток за живот во странство од 16 отсто, бонуси за кирија, дневници за патувања и додатоци за деца. На почетокот од својот мандат тие добиваат и две т.н. екстраплати, а по 65-тата година им е осигурена пензијата. Бриселскиот магазин „Јуропијан војс“ пренесува дека администрацијата на Европската Унија е најдобро платена во светот, така што голем број високи функционери на многу меѓународни институции само може да им позавидат на платите на челниците во институциите на Европската Унија.

Администрацијата на Европската Унија, која по бројноста често пати ја споредуваат со војска, одамна е на лош глас. Медиумите досега многу пати пренесуваа дека граѓаните на земјите членки на Европската Унија сметаат дека администрацијата на Унијата е гломазна, скапа, затворена во себе и расипничка.

Впрочем, и Британците како еден од главните аргументи за Брегзит го наведоа токму тоа дека структурата и системот на Европската Унија се прескапи, со огромна и непотребна администрација, нагласувајќи притоа дека напуштајќи ја Унијата директно ќе заштедат околу 13 милијарди фунти кои ги издвојуваат за европскиот буџет.

Само Европската комисија, која всушност ја претставува Владата на Европската Унија, има вработено околу 33.000 луѓе. Околу 6.000 се вработени во главниот секретаријат и политичките групи при Европскиот парламент, во чии редови дополнително влегува и бројот на членовите на ЕП и нивниот персонал. Околу 3.500 луѓе се вработени и во главниот секретаријат при Советот на Европската Унија, а голема е и бројката на оние што се вработени во другите европски институции, па според последните пресметки станува збор за 55.000 вработени во институциите на Европската Унија, за кои јавноста не штеди зборови кога упатува критики кон нив, а кои најчесто се однесуваат, како што велат, на нивните „длабоки џебови“.

Но, точниот износ на нивните примања тешко може да се пресмета, особено поради тоа што платите на вработените во институциите на ЕУ многу често се збогатени со дневници за службени патувања и други бројни додатоци. Кон крајот на декември 2016 година, германскиот „Цајт“ напиша дека бруто-платите на вработените во институциите на ЕУ се движат од 2.400 до 18.000 евра, голем број од вработените примаат и додаток од 16 отсто за живот во странство. Во овој систем, на врвот секако се 28-те еврокомесари, кои примаат основна бруто-плата од околу 20.000 евра, додаток за живот во странство од 16 отсто, бонуси за кирија, дневници за патувања и додатоци за деца. На почетокот од својот мандат тие добиваат и две т.н. екстраплати, а по 65-тата година им е осигурена пензијата.

Бриселскиот магазин „Јуропијан војс“ пренесува дека администрацијата на Европската Унија е најдобро платена во светот, така што голем број високи функционери на многу меѓународни институции само може да им позавидат на платите на челниците во институциите на Европската Унија. Во текот на изминатата година беше обелоденето дека претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер и претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск добиваат бруто-плата во износ од 31.272 евра месечно.

Според извештајот за 2016 година што се наоѓа на веб-страницата на Европската комисија, најголемиот број од вработените, односно 18,6 отсто имаат меѓу 35 до 39 години и најмногубројни се од Белгија, дури 16,4 проценти. И покрај тоа што се води сметка во институциите на Европската Унија да има вработени службеници од сите земји членки на Унијата, застапеноста на Белгијците е најголема бидејќи административно-техничкиот персонал се вработува токму од земјата која е домаќин на најголемиот број институции. За вработувањата во некоја од институциите на ЕУ постои и посебен конкурс со посебни услови кои треба да ги исполнуваат кандидатите.

Освен високите плати и додатоците на платите, вработените во европските институции имаат и многу неработни денови. Имено, во последната недела од јули и првите три недели од август е колективниот одмор за администрацијата на ЕУ. Секако, неработни се и деновите околу Божик и Велигден, а може да отсуствуваат од работа и за време на верските празници во нивните матични земји.

Кога станува збор за Европскиот парламент, за разлика од најголемиот број национални парламенти, оваа институција работи во текот на целата година. Секој месец по една пленарна седница се одржува во Стразбур и една во Брисел. Бруто-платата на европратениците е околу 8.500 евра, а освен платата добиваат надомест за патни трошоци, имаат право на 4.000 евра годишно за вонпарламентарни патувања, семинари, предавања, а дневниците за една пленарна седница изнесуваат околу 300 евра. Сепак, за дневница од пленарна сесија постои правило во согласност со кое дневницата може да биде преполовена  доколку пратеникот во текот на денот не учествува во гласањето за најмалку половина од актите кои се на дневен ред, без разлика што е присутен на седницата.

Но, да се добие работа во некоја од институциите на Европската Унија воопшто не е лесно. Потребно е да се положат исклучително тешки тестови, т.н. Епса тестови, а конкуренцијата е огромна, бидејќи обично има по околу 30 илјади кандидати.

А. Б.