/ Прочитано:

1.619

Европската безбедност во фокусот на дводневниот Самит на ЕУ во Брисел

Лидерите на државите на ЕУ на дводневниот Самит во Брисел одлучија да создадат заеднички систем за соработка во делот на одбраната за поефикасно развивање и користење на воена техника, при што претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, изјави дека тие се целосно подготвени да ги одбранат своите граѓани од тероризмот и заканите од тероризмот. На Самитот во Брисел, претседателот на Европската комисија, пак, Жан Клод Јункер изјави дека сериозно се дебатирало околу подобрувањето на воената соработка во рамки на Унијата, па во оваа насока лидерите на ЕУ едногласно го поддржале предлогот на Комисијата за формирање на Европски одбранбен фонд.

Безбедноста во рамки на Европската Унија и борбата против тероризмот, како и прашањето околу решавање на проблемот со присилната миграција се главните теми за кои дебатираат претседателите на државите и владите на земјите членки на Европската Унија на дводневниот Самит што се одржува во Брисел.

Во оваа насока, лидерите на државите на ЕУ одлучија да создадат заеднички систем за соработка во делот на одбраната за поефикасно развивање и користење на воена техника, при што претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, изјави дека тие се целосно подготвени да ги одбранат своите граѓани од тероризмот и заканите од тероризмот.

Најавувајќи ги новите ефикасни мерки за борба против терористите и борба против терористичкиот пропаганден материјал што се појавува на интернет, Туск изјави:

„Целосно сме подготвени да го одбраниме нашиот народ, поради што преземаме понатамошни чекори. До крајот на оваа година ќе го завршиме новиот граничен информативен систем, а од компаниите кои се занимаваат со социјалните мрежи  ќе побараме да преземат конкретни мерки, со цел да направат ограничување на ширењето на пропагандниот терористички материјал што се појавува на Интернет“, изјави Туск по завршување на првиот дел од разговорите на Самитот во Брисел.

Туск рече дека учесниците на Самитот веќе ја поддржаа одлуката за создавање на европски систем на соработка во областа на одбраната, па до крајот на септември земјите членки на ЕУ ќе мора да подготват критериуми и обврски и да понудат конкретни проекти за развој и производство.

Станува збор за радикална промена на системот на воени набавки и вооружување на европските армии. Земјите од ЕУ планираат да го намалат бројот на моделите од ист тип воена техника од различни производители и да ги здружат своите ресурси за развој на нови системи на оружје.

На овој начин, Брисел се обидува да ги воведе нормите на единствениот европски пазар во одбранбената индустрија, каде што во моментов земјите од ЕУ работат само на национално ниво.

Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, нагласи дека лидерите на ЕУ сериозно дебатирале околу подобрувањето на воената соработка во рамки на Унијата и едногласно го поддржале предлогот на Комисијата за формирање на Европски одбранбен фонд.

Формирањето на Европски одбранбен фонд беше најавено уште на почетокот на годинава, кога ЕУ нагласи дека има намера до крајот на 2025 година да ги унапреди своите одбранбени способности. За таа цел, Европската комисија во текот на овој месец предложи три сценарија за развој на одбранбената политика на Унијата и го покрена прашањето за Европскиот одбранбен фонд, чија главна задача ќе биде да им помогне на земјите членки на ЕУ ефикасно да ги користат парите наменети за одбрана, но и да ја подобри нивната меѓусебна соработка во оваа област.

Планирано е до крајот на 2020 година за овој фонд Европската комисија да издвои 590 милиони евра, а  потоа, односно од 2021 година па натаму, за овој фонд да се издвојува годишно по 1,5 милијарди евра.

„Ова е повеќе од неопходно“, рече Јункер, нагласувајќи дека во рамки на Европската Унија постојат 178 вооружени системи, за разлика од САД кои имаат само 30. Исто така, тој нагласи дека ЕУ има 17 видови тенкови, додека САД имаат само еден вид од ова борбено оклопно возило.  

„ЕУ троши за одбрана два пати помалку од САД, но ефикасноста на овие трошоци е 15% од американските. Затоа сметам дека мора и треба да има простор за подобрување“, констатираше Јункер.

Во текот на денешниот ден на Самитот во Брисел, лидерите на Европската Унија ќе разговараат за унапредување на економијата во рамки на Унијата, за обезбедувањето нови работни места, економски раст и конкурентност, за илегалната миграција, за Договорот за климатски промени, како и за дигитализацијата на Европа и за надворешните односи.

На Самитот ќе се одржи и средба на 27 шефови на држави или влади на земјите членки на ЕУ, без учество на британската премиерка Тереза Меј, на која ќе се разговара за процесот на истапување на Велика Британија од Унијата и за нејзината иднина по Брегзит.

А. Б.