/ Прочитано:

805

Европската комисија го поздравува спроведувањето на изборите во мирна атмосфера

Понеделник, 25 март 2013 – Европската комисија го поздравува фактот што локалните избори во Македонија се одржаа во мирна атмосфера без поголеми инциденти. Ова денеска во изјава за дописникот на МИА од Брисел го истакна Петер Стано, портпаролот на еврокомесарот за проширување на Европската унија, Штефан Филе.

Тоа значи дека за неофицијалната Влада на ЕУ, изборите во Република Македонија се регуларни и не може да стане збор за некакво непризнавање на резултатите. Сепак, гласноговорникот на Филе напоменува дека Комисијата сега ги чека официјалните резултати од Државната изборна комисија (ДИК) и официјалниот извештај на Канцеларијата на ОБСЕ за демократските институции и човекови права (ОДИХР) за спроведувањето на изборите и „сите натамошни препораки што може да дојдат од нив за таа цел“.

Известувачот за нашата земја од Европскиот Парламент, Ричард Ховит синоќа на социјалната мрежа „Твитер“ исто така ги поздрави мирните избори. Но, денеска за МИА побара време за официјална реакција, посочувајќи дека го чека извештајот на ОБСЕ/ОДИХР. На тоа се повика и словачкиот европратеник Едвард Кукан.