/ Прочитано:

1.380

Европската мрежа на судски совети го суспендираше членството на Националниот судски совет на Полска

Европската мрежа на судски совети го суспендираше членството на Националниот судски совет на Полска поради ослабувањето на неговата независност.

Независноста, нагласуваат од Мрежата, е услов за членство во организацијата. Изразувајќи жалење за ваквиот чекор, од Мрежата посочуваат на судските реформи во Полска кои ја загрозиле независноста на правосудството. Полска е една од основачите на  Европската мрежа на судски совети.

Независноста, квалитетот и ефикасноста на правосудството во интерес на граѓаните се едни од декларираните цели на Европската мрежа на судски совети.

Полската владејачка партија Право и правда во изминатите три години усвои закони кои на Советот му даваат нови овластувања во однос на судскиот систем, а новото законодавство принуди многумина судии од Врховниот суд да се пензионираат предвреме.

Реформите во судството беа причина за масовни протести на граѓаните во поголемите градови во земјата, на кои беше истакнато дека реформите ќе доведат до целосно уништување на независноста на судиите и дека длабоко ќе ја поткопаат демократијата.