Европската унија го укинува роамингот
Четврток, 12 септември 2013 – Европската комисија ја усвои реформата на телекомуникацискиот сектор која, како што се оценува, ќе им стави крај на високите трошоци за роаминг во рамки на Европската унија.
Претседателот на Комисијата, Жозе Мануел Баросо во говор во Европскиот парламент рекол дека од витално значење е да постои „единствен пазар“ во секторот на комуникациите за да не биде ЕУ зад другите региони во светот.
„Овој предлог ќе ги намали цените на корисниците, Европа се’ повеќе ќе станува дигитализирана и ќе им пружи нови можности на корисниците“, истакнал Баросо.
Целта на оваа реформа е рушење на националните бариери бидејќи е „од клучно значење за конкурентноста и вработувањето, како и основа за просперитет во иднина“, порачал Баросо.
„Гардијан„: Европа подготвува нацрт-закон за укинување на роамингот
Британски „Гардијан“ уште пред речиси една недела излезе со опсежна анализа каде се наведува дека Европската комисија подготвува закон со кој до 2016 година ќе се укине роамингот во мобилната телефонија во сите 28 земји-членки на Европската Унија.
Според новинарите кои имале увид во унацрт-текстот на новите законски решенија, реформскиот пакет за телекомуникацискиот сектор ќе има далекосежно влијание. Со регулативата ќе треба да се воведат поедноставени правила за операторите, но и да се подобрат врските со подобра координација на фреквенциите кои ќе бидат контролирани од владите за побрзо да се развие следната генерација на услугите од четвртата генерација на мобилната технологија (4Г).
Во исто време, се очекува интернетот да добие третман на целосно „отворен систем“, што ќе им оневозможи на операторите да го забрануваат или да го ограничуваат пристапот до конкурентски содржини.
Главната промена, сепак, се однесува укинување на дополнителните трошоци за роаминг, и покрај острото противење на компаниите што тврдат дека на тој начин ќе им се одземе главниот извор на профит и ќе им се оневозможат натамошни инвестиции, пишува весникот. Од таа причина, Kомисијата најверојатно ќе предложи укинување на роамингот во фази до 2016 година, со што сака да ги натера операторите да понудат подобри услови во име на слободната конкуренција. За да го оствари тоа, Kомисијата планира да понуди пакети што би покривале повеќе држави, а компаниите ќе бидат охрабрени да создаваат сојузништва за да ги намалат трошоците и да го зголемат профитот.
Kлучната опција во кампањата против роамингот, во првичниот период, ќе биде да им се овозможи на корисниците слободно да ги менуваат операторите во странство, во зависност од цената што ја нудат.