/Прочитано:

1.096

ЕВРОПСКИ ДЕН НА ГРАЃАНСКАТА ПРАВДА: „Адвокатурата главен сојузник и најблизок соработник на граѓаните во реализацијата на нивните права“

Денеска во повеќе европски земји се одбележува Европскиот ден на граѓанската правда. Целта на одбележувањето на овој ден е да го доближи до граѓаните правосудството и пристапот до правда на начин граѓаните подобро да ги запознаат своите права, но и начинот на нивно остварување и заштита.

По повод денешниот ден, Основниот суд Скопје 2 Скопје ги повика граѓаните да се запознаат со начинот на остварување на нивните права во судските постапки.  Воедно, Граѓанскиот суд организираше настан со кој свечено го одбележа денешниот ден. Нашата мисија, истакнаа од Граѓанскиот суд на денешниот настан, е владеење на правото, ефикасна правда достапна за сите граѓани.

На настанот како претставник на Адвокатската комора на РМ се обрати Жана Кузмановска, член на Управниот одбор на Комората. Адвокатката Жана Кузмановска во име на Адвокатската комора на РМ во своето обраќање истакна:

„Правдата и правосудството во светот и во Република Македонија секогаш биле во центарот на општествените збиднувања, во центарот на интересирањето на стручната, научната и граѓанската фела, некогаш во позитивна, некогаш во негативна конотација, некогаш на рацете на ловориките, некогаш на острицата на ножот. Затоа, при поделбата на власта не случајно судската власт е една од трите власти, покрај законодавната и извршната, која го креира општественото милје во кое сите живееме.

Денес е Европски ден на граѓанската правда. Самото име зборува дека, како и во сè друго и во правдата, на прво место треба да бидат граѓаните и нивните права. Кога се зборува за граѓаните и нивните права, значајно место во поставеноста на системот за заштита на правата на граѓаните има адвокатурата, која со Уставот на Република Македонија е дефинирана како самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон. Правната помош што ја дава адвокатурата и јавните овластувања се прецизирани со Законот за адвокатура како системски закон со кој е уредено работењето на адвокатите. Во согласност со ваквата уставна и законска положба во општеството, адвокатурата и адвокатите се најблиски до граѓаните, тие се должни на граѓаните да им даваат правна помош и, по дефиниција, секогаш се борат за реализација на нивните права. Меѓу граѓаните и адвокатите постои интеракција, секојдневна комуникација, соработка и заемна координација. Оттука, по дефиниција, адвокатурата и адвокатите се во центарот на граѓанската правда бидејќи многу права на граѓаните им се доверени во нивната реализација на адвокатите, па нивниот успех неретко зависи од квалитетот на дадените адвокатски услуги. Затоа, улогата на адвокатурата во реализацијата на граѓанските права има многу важна, можеби клучна улога. Во практиката на правораздавањето во Република Македонија во последните 2-3 години се поставува дилема за задолжителноста од адвокат при спроведување на одредени постапки пред органите каде што се обраќаат граѓаните поради реализација на своите права. Во таа насока пред законодавецот се постави прашање дали граѓаните имаат потреба од зголемена правна сигурност што ја гарантира задолжителното присуство на адвокат во постапките, особено пред нотарите и извршителите. Несомнено е дека законското решение за задолжителност на адвокат во постапките донесе прогрес во делот на правната сигурност на граѓаните при реализација на нивните права, што е позитивна придобивка од поновата пракса на функционирање на правосудниот систем во Република Македонија. Во таа насока, особено значајно за граѓаните е што изнајден е таков законски модел со кој не се зголемуваат трошоците на граѓаните, туку само се зајакнува нивната правна сигурност. Со тоа, адвокатурата останува главниот сојузник и најблизок соработник на граѓаните во реализацијата на нивните права.

Во таа насока, адвокатурата продолжува да дејствува во рамките на правосудниот систем на Република Македонија во насока на обезбедување на правда и достапност на правдата за сите граѓани, без оглед на нивната општествена положба, социјален статус, припадност на одредени општествени групи или економските можности. Државата мора да најде модус сите граѓани да можат да ги реализираат правата што им припаѓаат. Неприфатливо е губење на правата на граѓаните поради определен општествен статус на граѓаните. Во таа насока, адвокатурата има најзначајна улога во давањето правна помош при реализација на правата, но давањето на правната помош, во согласност со поставеноста на адвокатите, се наплатува според важечката адвокатска тарифа. Во принцип, за дадената правна помош адвокатот има право на награда која ја наплаќа при преземање дејствија во постапките. Сè би било во ред доколку живееме во општество на благосостојба, каде што секој може да си плати за своите обврски. Оттаму, се поставува прашање како своите права да ги реализираат граѓаните кои спаѓаат во категоријата на лица без приходи или лица приматели или корисници на месечни приходи во минимален износ по разни основи од државни органи или фондови. Решение за ваквата состојба законодавецот најде преку институтот бесплатна правна помош, која е регулирана со посебен Закон за бесплатна правна помош. Во овој закон е дефинирана бесплатната правна помош, корисниците на бесплатната правна помош, давателите на бесплатната правна помош, условите за користење на бесплатната правна помош, начините на давање на бесплатната правна помош, видот на дадената бесплатна правна помош и надоместокот за дадената бесплатна правна помош. Адвокатурата, како и другите даватели на правна помош се упатени на Министерството за правда при реализацијата на ова право на граѓаните. Министерството за правда води регистар на адвокати за бесплатна правна помош, па доколку граѓаните имаат потреба за бесплатна правна помош од адвокат, треба да аплицираат пред подрачните одделенија на Министерството за правда, па доколку ги исполнуваат условите, Министерството одобрува бесплатна правна помош во рок од 8 дена, и доколку е можно по избор на барателот му одобрува адвокат, но без оглед дали е можно да се избере адвокат по избор на барателот, Министерството за правда, повторно во соработка со корисникот на правото, ќе определи адвокат. Значајно за оваа постапка е дека  доколку граѓанинот смета дека ги исполнува условите за бесплатна правна помош, треба да аплицира до Министерството за правда, преку кое граѓаните го реализираат ова право, бидејќи Адвокатската комора на Република Македонија и адвокатите кои ја даваат бесплатната правна помош се упатени на заемна соработка со ова министерство, кое има и контролни механизми при давање на бесплатната правна помош, во согласност со истиот закон. Во таа насока, поставеноста на адвокатурата како самостојна и независна јавна служба која обезбедува правна помош си го наоѓа своето место во правосудниот систем на Република Македонија како многу значајна за реализација на правата на граѓаните во судскиот, но и пошироко во правосудниот систем на Република Македонија во целина.“

„Европскиот ден на правдата се одбележува секоја година кон крајот на месец октомври во сите држави во Европа. Во одбележувањето на тој ден оваа година се вклучи и Република Македонија. За таа цел настанот беше отворен за јавноста со интенција таа да се информира за начинот на остварување на нивните права во судските постапки. Учеството на Адвокатската комора на РМ го цениме како особено едукативно и значајно за граѓаните во однос на улогата на адвокатурата како самостојна и независна јавна служба која обезбедува и дава правна помош“, истакнуваат од АКРМ.

М.В