/ Прочитано:

1.795

ЕВРОПСКИ ДЕН ЗА ЗАШТИТА НА ЛИЧНИТЕ ПОДАТОЦИ: Новата регулатива радикално ќе ги подобри правата на граѓаните

Дирекцијата за заштита на личните податоци денеска   го одбележа Европскиот ден за заштита на податоците. Основната цел на настаните што се организираат за одбележување на овој ден низ европските земји е подигнување на јавната свест за заштита на личните податоци и информирање на граѓаните за нивните права во оваа област со што би им се овозможило остварување на правата на поефективен начин.

По повод Европскиот ден за заштита на податоците и во рамки на одбележувањето на денот, денеска беше одржана конференција на која беше истакнато дека клучните цели  и препораки на проектот „Поддршка за пристап до правото на заштита на лични податоци”, што се спроведува во Дирекцијата за заштита на лични податоци – ДЗЛП, се подобрување на соработката помеѓу контролорите и обработувачите на лични податоци, зајакнување на заштитата на личните податоци со примена на најновите меѓународни концепти, зајакнување на системот за заштита на личните податоци во рамките на органите за спроведување на законот, ЈО и судството.

На денешниот настан директорот на Дирекцијата за заштита на личните податоци,  Горан Трајковски, истакна дека новиот Закон, во согласност со општата регулатива за заштита на личните податоци на ЕУ, стапува на сила на 25 мај оваа година кај сите земји членки на ЕУ. Се работи за комплетно нова регулатива со радикално решение.

„Сведоци сме на последните изјави на основачите на големите мрежи, како Фејсбук, колку се приспособуваат и колку ресурси вложуваат за да ги задоволат барањата на регулативата. Веруваме дека со Законот и Македонија во 2018 година ќе има во сила нов Закон за ЗЛП со кој радикално ќе се сменат правата на граѓаните во смисла на заштита на личните податоци, а имајќи предвид сè што се случува во социјалните мрежи и со трансферот на податоците меѓу државите“, нагласи Трајковски.

Проектот, образложи  Десислава Тошкова, тим лидер на Проектот, е поделен на три компоненти. Првата е за спроведување на Стратегијата за заштита на личните податоци, втората е за зајакнување на капацитетите за понатамошна имплементација и подобрување на соработката со контролорите, и третата е имплементација на стандардизацијата за информатички системи за сигурност.

Правото за заштита на личните податоци и правото на приватност се гарантирани со Европската конвенција за човекови права од 1951, со Конвенцијата за основни права на Европската Унија од 2000 година, како и со Универзалната декларација за човекови права на ОН, во која се вели дека никoj нeмa дa бидe излoжeн нa прoизвoлнo вмeшувaњe вo нeгoвиoт привaтeн и сeмeeн живoт, дoмoт или прeпискaтa, ниту пaк нa нaпaди врз нeгoвaтa чeст и углeдот.

На 26 април 2006 година Комитетот на министри при Советот на Европа донесе одлука со која го прогласи 28 јануари за Ден на заштитата на личните податоци. Оттогаш, секоја година 28 јануари се слави како Ден за заштитата на личните податоци.

Во рамките на Советот на Европа, важноста за прашањето за правото на заштитата на личните податоци и правото на приватност е потенцирано и во Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи како прв и основен документ на Советот на Европа за заштита на човековите права и слободи.

Заштитата на приватноста е декларирана во членот 8 од Европската конвенција, каде што се пропишува дека секој човек има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, на домот и на преписката.

Како што образложува Игор Кузевски,  генерален секретар во Дирекцијата за заштита на личните податоци, со новата македонска регулатива за заштитата на личните податоци, практично ќе се изврши целосно транспонирање на Општата регулатива за заштита на личните податоци на Европскиот парламент и Советот на Европската Унија (ЕУ) 2016/679, со што Република Македонија во овој домен ќе биде целосно усогласена со правото на Европската Унија.

Со Регулативата се воведуваат повеќе новини, а како позначајни решенија би ги наброил: правото да се биде заборавен, правото на преносливост на податоците, уредувањето на профилирањето во врска со донесувањето на поединечни одлуки, проценка на влијанието при обработка на личните податоци, известување за нарушување на безбедноста на личните податоци, заеднички корпоративни правила, како и техничка и интегрирана заштита на личните податоци.

М.В