Европскиот парламент го одобри предлогот за укинување на летното и зимското сметање на времето
Европскиот парламент денеска го одобри предлогот за укинување на летното и зимското сметање на времето, но конечната одлука треба да ја донесе Европската комисија која ќе ги преиспита предностите и недостатоците од евентуалната промена.
Според научните истражувања, 20 проценти од населението има здравствени проблеми поради промената на часот, смета Павел Свобода, чешки пратеник во Европскиот парламент кој ја предводи групата од 70 европарламентарци кои стојат зад иницијативата и предлогот за укинување на поместувањето на часовникот двапати годишно.
Европратениците во предлогот за кој гласаше ЕП истакнаа дека покрај негативното влијание врз човечкиот организам, промената на стрелките на часовникот влијае и врз сообраќајната безбедност, продуктивноста на работното место, но и врз економијата.
„Поместувањето на стрелките на часовникот предизвикува повеќе сообраќајни несреќи, како и пад на продуктивноста на работното место. Студијата на непристрасната служба на ЕП за истражувања јасно покажа дека укинувањето на промената на времето е добро за нашите 510 милиони граѓани“, образложува Свобода, нагласувајќи дека иницијативата и предлогот имаат силна поддршка меѓу земјите членки на ЕУ.
Полска, истакнува Свобода, веќе ги направи првите законодавни чекори по тоа прашање. Во таа насока, и работната група за укинување на промената на времето ќе достави предлог-резолуција до Европскиот парламент со која се бара од ЕК да упати предлог за укинување на оваа практика.
Инаку, прашањето за промена на стрелките на часовникот, освен во Полска, на законодавен план беше дискутирано и во Германија и Шведска. Во ЕУ има сè повеќе петиции за поддршка на иницијативата. Како што пренесуваат медиумите, предлогот наидува на сѐ поголема поддршка преку петиции потпишани од повеќе десетици илјади граѓани, на пример, во Финска 100.000, над 55.000 во Германија и 40.000 во Холандија.
М.В