Европскиот парламент изгласа пакет мерки за зголемување на процентот на рециклиран отпад
Директивите на Европската Унија се закони со кои се поставуваат минималните стандарди што земјите на ЕУ мора да ги исполнат, па во оваа насока, согласно четири нацрт-директиви кои беа изгласани од страна на Европскиот парламент, земјите-членки на Европската Унија до 2030 година ќе треба да го уредат рециклирањето, односно преработката на отпадот. Со овој т.н. „пакет за отпад“, Европската Унија очекува во наредните 15 години преработката на отпадот во земјите на Унијата, кој го продуцираат домаќинствата и компаниите, да достигне 70 отсто, наместо како што е досега, односно само 44 отсто од отпадот се рециклира.
Согласно четири нацрт-директиви кои беа изгласани од страна на Европскиот парламент, земјите-членки на Европската Унија до 2030 година ќе треба да го уредат рециклирањето, односно преработката на отпадот.
Со нацрт-директивите кои беа поддржани од страна европратениците, ќе бидат направени измени и дополнувања во: Рамковна директива за отпад на ЕУ (2008/98 / EC), Директива за пакување и пакување отпад (94/62 / EC), Директивата за депонии (1999/31 / EC) и директивите за дотраени возила, акумулатори и отпадна електрична и електронска опрема.
Со овој т.н. „пакет за отпад“, Европската Унија очекува во наредните 15 години преработката на отпадот во земјите на Унијата, кој го продуцираат домаќинствата и компаниите, да достигне 70 отсто, наместо како што е досега, односно само 44 отсто од отпадот се рециклира. Сепак, податоците покажуваат дека постојат огромни разлики меѓу земјите на Европската Унија во поглед на рециклирањето на отпадот, така што во Германија процентот на преработен отпад е 64 отсто, а во Словачка, пак, само 10 проценти отпад се рециклира.
Истовремено, со нацрт-директивите се предвидува само 5 отсто од продуцираниот отпад да се одлага на депониите.
„На ова треба особено внимание да обрнат некои земји, како што се Кипар, Грција, Летонија, Малта и Романија, кои дури три четвртини од отпадот го фрлаат на депонии“, беше истакнато во Европскиот парламент.
Директивите на Европската Унија се закони со кои се поставуваат минималните стандарди што земјите на ЕУ мора да ги исполнат, па во оваа насока четирите нацрт-директиви кои се однесуваат на управувањето со отпадот опфаќаат целосен третман на отпад, управување со пакување на отпад, употреба на депонии за депонирање на отпад, отпадоци од храна, статистички податоци за отпад и голем број други мерки.
„Формално, ние сме за изменување и дополнување на четири директиви кои се однесуваат на отпадот, но всушност, зад сето ова стои поголем предизвик за обид за надминување на кризата на нашиот модел на развој. Нашиот модел на развој е потврда за неговите ограничувања, тој е скап, тој не е ефикасен и се базира на исфрлање на отпадните материјали, ситуација која може да се реши со помош на транзиција на ‘циркуларна економија’. Тоа значи дека поголемиот дел од отпадот ќе биде пренаменет, рециклиран или преработен, кој потоа ќе може да се употребува како секундарна суровина. Со ‘циркуларната економија’ ќе се намали и потребата за производство или увоз на суровини“, вели италијанската европратеничка Симона Бонафе, која е одговорна за подготовка на пакетот за отпад.
За амбалажата, како хартијата, пластиката, стаклото, металот или дрвото, европратениците предложија до 2030 година, преработените или повторно искористени материјали да достигнат 80 проценти.
„Директивите за отпад се појдовна точка за решавање на катастрофалното ниво на пластика, но и друг отпад во нашата средина“, изјави британскиот европратеник Клер Мудис, кој истовремено нагласи дека за да се финализираат четирите нацрт-директиви мора да постои согласност меѓу двете клучни европски институции кои ги претставуваат земјите на Европската Унија, односно Парламентот и Советот на Европската Унија.
Уште еден сериозен проблем со кој се соочува Европската Унија е фрлањето на храната, па така според последните податоци на депониите, во голем број европски држави се фрлаат дури 89 милиони тони храна, што е 180 кг по жител годишно.
„За разлика од примерот со земјите во кои се фрлаат милиони тони храна, во 2014 година Австрија, Белгија, Данска, Германија, Холандија и Шведска не фрлија ниту еден грам општински отпад на депониите“, беше потенцирано во Европскиот парламент.
Токму затоа, европратениците зацртаа како цел намалување на фрлената храна за 30 отсто до 2025 и за 50 проценти до 2030 во споредба со 2014 година. Според проценките, подобрувањето на управувањето со отпадот има бројни предности за природната средина и климата, но и за здравјето на луѓето и економијата.
А. Б.