/ Прочитано:

1.418

Европскиот суд на правдата донесе одлука: Компаниите може да забранат носење на верски симболи

„Забраната мора да биде заснована врз внатрешни правила на компаниите, правила според кои сите вработени ќе мора да се облекуваат ‘неутрално’, а не врз основа на желбите на клиентите на компаниите. Желбата на работодавачите, односно на компаниите и од јавниот и од приватниот сектор, да проектираат слика на неутралност во стилот на облекување е легитимна, сѐ додека се применува подеднакво за сите обележја. Оваа политика на неутралност треба да биде применувана сосема исто кон сите вработени во една компанија, а тоа значи и забрана за носење накит со крстови, турбани и други верски симболи“, беше нагласено во Европскиот суд на правдата.

Европскиот суд на правдата денеска донесе одлука со која компаниите може да им забранат на своите вработени носење на какви било политички, филозофски или религиски симболи, вклучувајќи ги и марамите кои ги носат жените од муслиманска вероисповед.

„Забраната мора да биде заснована врз внатрешни правила на компаниите, правила според кои сите вработени ќе мора да се облекуваат ‘неутрално’, а не врз основа на желбите на клиентите на компаниите. Желбата на работодавачите, односно на компаниите и од јавниот и од приватниот сектор, да проектираат слика на неутралност во стилот на облекување е легитимна, сѐ додека се применува подеднакво за сите обележја. Оваа политика на неутралност треба да биде применувана сосема исто кон сите вработени во една компанија, а тоа значи и забрана за носење накит со крстови, турбани и други верски симболи“, беше нагласено во Европскиот суд на правдата.

За да се избегнат тврдењата за индиректна дискриминација, националните судови мора да бидат сигурни дека нема да бидат ставени во неповолна положба луѓето кои се припадници на одредена религија или верување.

Ова е прва пресуда која се однесува на жените што носат марама, и се базира врз Директивата за антидискриминација и еднаков третман 2000/78 на Европската Унија. Оваа директива забранува каква било директна или индиректна дискриминација.

Директивата потекнува од Европската конвенција за фундаментални права усвоена во 2000 година, како и од постарата верзија, односно Конвенцијата за фундаментални права и слободи од Рим од 1950 година.

Член 9 на Конвенцијата од 1950 година вели дека секој има право да „ја манифестира својата религија или уверување, во форма на обожавање, учење и практикување“.

Член 10 од новата Конвенција, исто така, ја потврдува слободата на практикување на религијата, но во член 16 исто така вели дека компаниите имаат „слобода да го водат бизнисот во согласност со правото на Унијата и националните закони“.

Денешната пресуда Европскиот суд на правдата ја донесе врз основа на два случаи на вработени жени во Белгија и во Франција кои пред неколку години добија отказ, бидејќи одбиле да ги извадат марамите по барање од страна на клиент.

Случајот во Франција се однесува на инженерката по дизајн Асма Буњави која доби отказ од работното место во француската компанија „Микропол“, откако клиент се пожалил дека таа на главата носи муслиманска марама. Токму затоа, денеска Европскиот суд на правдата во Стразбур донесе одлука со која секоја забрана за носење марама не смее да биде базирана врз основа на субјективна забелешка.

Инаку, пред извесен период, судот во Германија одлучи едно училиште во Берлин да исплати отштета на наставничка која не добила работа поради тоа што носела бурка. Германскиот суд таквата одлука на училиштето ја оцени како дискриминаторска. Судот одлучи дека носењето бурка нема да предизвика тензии во тоа училиште.

Претходно, закони за забрана на носење бурка усвоија и Бугарија, Швајцарија и делови од Франција, но ова прашање доби на интензитет кога таков предлог даде и канцеларката Ангела Меркел која кон крајот на 2016 се изјасни за забрана на целосното покривање на лицето. Таа тогаш нагласи дека „целосното покривање на лицето не е соодветно во Германија“.

„Кај нас важи правилото дека лицето треба да се покаже, па токму затоа целосното покривање не е соодветно и треба да се забрани онаму каде што тоа законски е возможно, во суд, за време на полициски контроли и во сообраќајот“, изјави Меркел.

А. Б.