/ Прочитано:

2.045

ЕВРОПСКИОТ СУД НА ПРАВДАТА: Услугите на „Убер“ се услуги од транспортот и треба да подлежат на ЕУ-регулативата

Европскиот суд на правдата денеска одлучи дека „Убер“ мора да се третира како транспортна, а не како комуникациска компанија, иако таа не функционира со професионални превозници.Судот оценува дека услугата на „Убер“ треба да се смета како составен дел на целокупна услуга чиј главен елемент е услугата на превоз и од тие причини оваа услуга не може да се смета само како информациска услуга, како што тврдеа од компанијата „Убер“.

Судот посочува дека поврзувањето на луѓето со непрофесионални возачи преку интернет-апликации е дел од транспортниот систем, односно е дел од превозот и од тие причини не може да се прифатат аргументите на глобалната компанија дека нејзините услуги се информациски и  дигитални и дека се работи за  технолошка платформа за поврзување на патниците со самостојни  возачи.

Европскиот суд за правдата не ги прифати ниту аргументите на „Убер“ дека тие не се класична транспортна компанија заснована на правилата што важат за такси-услугите. Американската компанија „Убер“ треба да подлежи на исти правила како и такси-компаниите.

Во образложението на својата денешна пресуда, Судот нагласува дека услугата на посредување по пат на апликација помеѓу луѓето кои бараат превоз и возачите кои не се занимаваат професионално со возење такси и кои го користат своето возило за превоз треба јасно да се смета за услуга на превоз и, како што наведува Судот, како услуга во областа на транспортот и сообраќајот, во смисла на правото на Европската Унија и нејзините директиви.

Со ова, коментираат европските медиуми, Судот најавува и построга регулатива во однос на  регулирањето на услугите на глобалната компанија, чија популарност е стекната поради  евтините и пристапни такси-услуги. Ваквата пракса на Судот во иднина може да се рефлектира и врз работата на други слични компании.

„Оваа одлука нема да ги промени работите во повеќето земји на ЕУ каде што ние веќе функционираме во согласност со законите за транспорт. Сепак, милиони Европејци нема да можат да користат апликации како нашата, се наведува во официјалното соопштение на „Убер“.

Судот на правдата на европските заедници или како што вообичаено се нарекува Европскиот суд на правдата (ЕСП) е врховниот суд на Европската Унија, но тој не е врховен суд над националните судови на земјите членки на ЕУ бидејќи секоја од нив си има свој врховен суд, свој правен систем и своја правна традиција. ЕСП е задолжен за решавање случаи што произлегуваат од толкувањето на правото и законите на ЕУ. Тој проверува дали институциите на ЕУ и земјите членки се придржуваат до нив. Судот, исто така,  има овластување да ги решава правните спорови меѓу земјите членки, институциите на ЕУ и деловните ентитети.

M.В