/ Прочитано:

2.241

Европскиот суд за човекови права: Пресуда против Русија за масакрот во Беслан

ЕСЧП утврди дека руските власти при спасувачката воена операција за ставање крај на заложничката криза на 1 септември во училиштето во Беслан во 2004 година не успеале од чеченските сепаратисти да ги заштитат учениците, наставниците и родителите. Како заложници во училишната сала беа држени повеќе од 1. 100 луѓе, а во масакрот имаше 330 жртви, меѓу нив 186 беа деца. ЕСЧП едногласно заклучи дека е прекршен член 2 од Европската конвенција за човекови права (право на живот) бидејќи не се преземени превентивни мерки, а употребена е и прекумерна сила во тек на воената операција.

Европскиот суд за човекови права денеска заклучи дека Русија направила сериозни пропусти при преземањето мерки во спречување на масакрот на 1 септември во училиштето во Беслан во 2004 година, кога загинаа 330 луѓе, меѓу кои 186 беа деца. ЕСЧП утврди дека руските власти при спасувачката воена операција за ставање крај на заложничката криза не успеале од чеченските сепаратисти да ги заштитат учениците, наставниците и родителите. Судот упати остри критики кон официјална Москва, наложувајќи им притоа на подносителите на тужбата да им се исплати вкупно три милиони евра, поконкретно Европскиот суд за човекови права ѝ нареди на Русија да плати 2.955.000 евра отштета на 409 роднини на жртвите, како и 88.000 евра за судски трошоци.

„Иако руските власти добиле информација дека се планира терористички напад, не биле преземени доволно мерки за да се спречи нападот, а не биле засилени ниту безбедносните мерки во училиштето во Беслан, Северна Осетија. Властите располагале со доволно јасни информации за планираниот терористички напад во таа област кои упатувале дека тој ќе се случи во образовна институција. Сепак, од страна на руските власти не е доволно направено за да се спречи подготовката на нападот, како и да се спречи состанокот на терористите“, се наведува во денешната одлука на ЕСЧП. 

Во своето соопштение, Судот наведува дека руските власти првенствено потфрлиле во непреземање доволно мерки, со цел да го спречат слободното движење на терористите во критичниот ден, како и во тоа дека не издале предупредување ниту до училиштето, ниту до јавноста. ЕСЧП утврдува и дека при разрешување на опсадата во Беслан не постоело формално раководење со воената операција, што довело до сериозни грешки во донесувањето на одлуки и координација со другите институции.

Во оваа насока, ЕСЧП едногласно заклучува дека е прекршен член 2 од Европската конвенција за човекови права (право на живот) бидејќи не се преземени превентивни мерки, а употребена е и прекумерна сила во тек на воената операција.

Официјален Кремљ со остра критика кон денешната пресуда на Европскиот суд за човекови права. Портпаролот Димитриј Песков потенцира дека денешната формулација за „земја која е жртва на терористички напад е неприфатлива“.

Инаку, тридневната заложничка криза се случи на самиот старт на новата учебна година, на 1 септември 2004 година. Чеченските сепаратисти од регионите Ингушетија и Чеченија упаднаа во училиштето во Беслан, при што во училишната сала како заложници држеа околу 1.100 деца, родители и наставници, а нивното основно барање беше повлекување на руските армиски трупи од Чеченија.

А. Б.