/ Прочитано:

1.875

Фадил Бајрами предложен за вицегувернер на Народната банка

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во Собранието достави предлог за именување на Фадил Бајрами за вицегувернер на Народната банка. Бајрами во 2005 и во 2012 година, исто така, беше именуван за вицегувернер на Народната банка, функција која ја извршува и денес.

„Фадил Бајрами има 22-годишно работно искуство, од кое повеќе од 5 години на раководни позиции во приватниот сектор. Кус период од две години бил градоначалник на Општина Осломеј. Од 1999 година до 2005 година ја извршувал функцијата пратеник во Собранието, каде што исто така бил член на повеќе комисии за банкарство и стопанство и претседател на Комисијата за економска политика и развој. Од септември 2005 година до септември 2012 година ја извршувал функцијата вицегувернер на Народната банка и бил одговорен за трезорското работење и информациската технологија. Од јули 2012 година бил повторно именуван за вицегувернер од Собранието. Од 2011 година тој има активен универзитетски ангажман преку предавања во областа на макроекономијата и банкарскиот менаџмент на Државниот универзитет во Тетово. Докторирал во 2011 година на Економскиот институт при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и се стекнал со звањето доктор на науки“, се наведува во биографијата на Фадил Бајрами објавена на веб-страницата на Народната банка.

Во членот 49 од Законот за Народната банка на Република Македонија се пропишува дека вицегувернерите ги именува Собранието на Република Македонија на предлог на гувернерот. Вицегувернерите му помагаат на гувернерот во извршувањето на секојдневните работи. Минатата година за вицегувернерки беа именувани Емилија Нацевска и Ана Митреска.

Гувернерката предложи две вицегувернерки на НБРМ

М.В