„Фајнанс тинк“ го објави Макроекономскиот монитор за првиот квартал од 2019
„Фајнанс тинк“ го објави Макроекономскиот монитор за првиот квартал 2019.
„Во првиот квартал од 2019, БДП порасна за 4,1%, покажувајќи ги првите постабилни знаци дека економијата добива моментум.
За разлика од претходно, растот е на поширокопојасна основа, со оглед дека најголем дел од секторите во економијата забележуваат пораст. Во овој квартал, двигател на економијата остануваат финалната потрошувачка и извозот, додека раните позитивни знаци кај инвестициите, забележани на крајот од 2018 година сега се потврдени и стабилизирани. Во услови на отсуство на владин фокус врз економијата и значајна подреализација на државните капитални инвестиции, економските резултати за првиот квартал се оптимистички, особено што приватниот сектор е главен генератор на економскиот раст.
Позитивните придвижувања кај БДП се проследени со понатамошно значајно намалување на невработеноста на 17,8% на крајот од првиот квартал од 19,4% на крајот од претходниот квартал. Овој пад и понатаму се должи на зголемената побарувачка за работници во приватниот сектор, особено кај големите работодавачи и во слободните зони, а делумно и на раздвижениот пазар на труд поради активните мерки за вработување.
Во согласност со ваквите резултати и очекуваните движења и политики во 2019, ‘Фајнанс тинк’ ја задржува проектираната стапка на раст на БДП за 2019 на 3,3%, со значајно изразени нагорни изгледи. Ваквата проекција може да биде и значително натфрлена до крајот на годината, доколку Владата стави брз и интензивен фокус врз економијата, и особено врз овозможувачката средина за приватниот бизнис-сектор. Позитивен перцептивен импулс за растот ќе има и отпочнувањето на процесот на преговори со Европската Унија“, се вели во публикацијата на „Фајнанс тинк“.
M.В