/ Прочитано:

732

„Фајнанс тинк“ го објави макроекономскиот монитор

=

Во вториот квартал од 2019, БДП порасна за 3,1%, продолжувајќи ја релативно стабилната патека која отпочна порано. Широкопојасноста на растот е присутна и во овој квартал, иако падот кај преработувачката индустрија (- 2,1%) и кај информациите и телекомуникациите (- 4,6%) не треба да се занемарува. Особено е важно да се разбере дали падот кај ИТ-секторот е потенцијално поврзан со промените во фискалната политика. На расходната страна, растот на финалната приватна потрошувачка останува значаен и стабилен, додека растот на бруто-инвестициите влева оптимизам за понатамошниот раст на економијата. Последното е особено важно бидејќи во вториот квартал и понатаму отсуствуваше владин фокус врз економијата и продолжи значајната подреализација на државните капитални инвестиции (20,3% за половина година).

Позитивните придвижувања кај БДП се проследени со понатамошно намалување на невработеноста на 17,5% на крајот од вториот квартал, иако падот забави во споредба со периодите претходно (17,8% на крајот од првиот квартал). Овој пад и понатаму се должи на зголемената побарувачка за работници во приватниот сектор, но забавувањето е рефлексија на недостигот од квалификуван кадар. И понатаму, иселувањето врши определено, но не доминантно влијание врз падот на невработеноста.

Во согласност со ваквите резултати и очекуваните движења и политики во 2019, „Фајнанс тинк“ благо ја зголемува проектираната стапка на раст на БДП за 2019 на 3,5%, со нагорни изгледи. Позитивен перцептивен импулс за растот ќе има и отпочнувањето на процесот на преговори со Европската Унија.

Целата публикација на следниот линк.

М.В