„Фајнанс тинк“ публикуваше нов Макроекономски монитор
„Фајнанс тинк“ го публикуваше кварталниот Макроекономски монитор за К4-2019. Во четвртиот квартал од 2019, БДП порасна за 3,4%, опстојувајќи на стабилната патека која отпочна порано. Растот за целата 2019 година изнесува 3,6%, што е целосно во линија со проекцијата на „Фајнанс тинк“ од 3,5%, се вели публикацијата.
Растот остана широкопојасен, со блага стагнација кај преработувачката индустрија и кај информациите и комуникациите. На расходната страна, бруто-инвестициите продолжија да растат, рефлектирајќи стабилизација на инвестициското окружување.
Но, во четвртиот квартал, по подолг период, извозот забележа негативен раст (-1.6%), додека растот на увозот значително забави (2,8%), што е одраз на материјализацијата на ризиците на глобалната сцена.
„Позитивните придвижувања кај БДП се проследени со понатамошно намалување на невработеноста на 16,6%. Овој пад и понатаму се должи на зголемената побарувачка за работници во приватниот сектор, но забавувањето на падот на невработеноста е рефлексија на недостигот од квалификуван кадар, што ќе се провлекува и во следните квартали. Падот на невработеноста кај младите (15 – 24) забележан во претходниот квартал е конзистентен, како одраз на општата состојба на пазарот на труд и активните мерки насочени кон младите.
Во моментот, Finance Think ја задржува проекцијата за растот на БДП во 2020 на 4%. Но, оваа проекција е под особено изразени негативни ризици. На глобалната сцена тоа е општото забавување на економската активност водено од сѐ уште постојната трговска тензија меѓу САД и Кина, а од почетокот на годината и поради растечката неизвесност сврзана со ширењето на коронавирусот. На домашната сцена, претстојните парламентарни избори, проследени со непроменетите структурни ризици (како отсуство на промена во политиката на планирање и извршување на државните инвестиции), може да донесат извесно забавување на економската активност“, се вели во публикацијата на „Фајнанс тинк“, која во целост може да се преземе на следниот линк.
М.В