/Прочитано:

1.186

„Фајнанс тинк“ за  буџетските ефекти од потенцијален прогресивен данок на доход 

„Фајнанс тинк“ го публикуваше ставoт бр.25 на буџетските ефекти од потенцијален прогресивен данок на доход. Отворањето на дебатата за распределбата на доходот во Македонија, велат од „Фајнанс тинк“,претставува позитивен чекор, особено што оваа тема беше целосно игнорирана во претходните 26 години.

Податоците за доходовната распределба објавени од страна на Министерството за финансии укажуваат на лошата социјална слика за Македонија. Притоа, главната порака што произлегува од овие податоци е дека вкупното население е сиромашно, додека разликите помеѓу крајните децили (центили) од доходната дистрибуција ги надувуваат поединци, наместо цели децилни (центилни) групи.

Сепак, ваквата слика не треба да исклучи воведување прогресивен данок на доход.

Следствено на ваквите податоци, „Фајнанс тинк“ изврши проценка на буџетските ефекти кои би се постигнале со потенцијално воведување прогресивен данок на персонален доход. Симулирани се четири алтернативи:

  1. Оданочување на вкупниот доход на најбогатите 1% со 18%
  2. Оданочување на разликата помеѓу вкупниот доход и границата од 1.523 евра со 18%, а износот под 1.523 евра со 10%, на најбогатите 1%
  3. Оданочување на вкупниот доход на најбогатите 2% со 18%
  4. Оданочување на разликата помеѓу вкупниот доход и границата од 1.044 евра со 18%, а износот под 1.044 евра со 10%, на најбогатите 2%

Ефектите без буџетските приходи се прикажани на следниов графикон 1. Пресметките се направени со микросимулацискиот модел на даноци и користи.

Резултатите покажуваат дека буџетските ефекти од потенцијалното прогресивно оданочување би биле релативно мали и на годишно ниво би се движеле помеѓу 30 и 37 милиони евра дополнително прибран персонален данок од доход, што претставува помеѓу 10,8% и 13,1% од вкупно прибраниот персонален данок од доход.

Притоа, овие пресметки не го земаат предвид ефектот од потенцијално зголемување на даночната евазија.

За споредба, износот што од буџетот се одвојува за сите видови социјални помошти на годишно ниво изнесува околу 100 милиони евра. Износот што буџетот ќе го одвои за субвенционирање на порастот на минималната плата изнесува 90 милиони евра.

Според овие пресметки, дизајнот на потенцијалната реформа за прогресивно оданочување треба да биде внимателен во поглед на следниве прашања:

  • Колкава ќе биде стапката на прогресивниот данок?
  • Кои ќе бидат границите на одделните стапки?
  • Кои се лицата кои ќе бидат оданочени со повисоки стапки, односно дали се тоа претприемачи, менаџери, професионалци во брзорастечки индустрии (ИТ) и сл.?
  • Како новонаметнатиот даночен товар ќе се одрази врз малите претпријатија, стартапите и кој било друг претприемнички потфат?
  • Како новонаметнатиот данок ќе се одрази врз иселувањето на висококвалификуван и дефицитарен кадар, како што се ИТ-инженери, доктори, претприемачи и сл.?
  • Дали стапките на прогресивниот данок ќе бидат различни, зависи од основата на доходот (на пр., особено диференцирање на стапките за данок на доход од дивиденда, кирија и сл.)?

М.В