/ Прочитано:

753

„Фајнанс тинк“: Значителното забавување на растот кај инвестициите и потрошувачката

Ударот од кризата предизвикана од ширењето на коронавирусот Ковид-19 врз економијата започна во втората половина од март 2020, што предизвика БДП во целото тримесечие да се зголеми само за 0.2%. На производната страна, намалувањето од -5.1% кај индустријата е рефлексија на затегнатоста во глобалната трговија која постоеше уште пред Ковид-19, како и на влијанието на ограничувањата на движењето врз трговската размена по почетокот на кризата. Намалувањето кај трговијата, транспортот и угостителството од -1.3% е последица на индуцираното затворање на претпријатијата (ресторани, кафулиња, шопинг молови) и падот на потрошувачката на неесенцијални добра по почетокот на пандемијата. На расходната страна, ефектот од индуцираната контракција и отежнатото движење е видлив кај падовите на извозот и увозот, -5.4% и -3.2%, соодветно, како и кај значителното забавување на растот кај инвестициите и потрошувачката.

Невработеноста во првиот квартал од 2020 понатамошно се намали на 16.2% од претходните 16.6%. Ваквото движење може да се должи на две примарни тенденции. Прво, ударот на кризата не беше проследен со моментални отпуштања на работници, што се согледува и преку бројките за регистрираната невработеност од АВРСМ кои забележаа помалку од 2.000 нови невработени (околу 0.25% од вкупните вработени) на крајот на март во однос на крајот од февруари 2020. Второ, поголем дел од Анкетата за работна сила, врз основа на која се пресметува кварталната невработеност, веројатно бил прибран пред почетокот на кризата.

Во моментот, Finance Think ја задржува проекцијата за падот на БДП во 2020 на -3.8%, како и во вториот квартал од 2020 на -12.7%. Но, двете проекции се под особено изразени негативни ризици, во целост детерминирани од времетраењето на индуцираната контракција и отежнетото движење предизвикани од Ковид-19. Особено, овие проекции се изградени врз претпоставката за значајно олабавување на рестрикциите кон крајот на мај 2020, што може да не се случи во услови на втор пик од пандемијата во истиот период.

Целосен текст на публикацијата