/ Прочитано:

2.461

Факторинг како финансиско решение кое овозможува раст на мали и средни претпријатија

Во Стопанската комора на Македонија, во организација на Проектот на УСАИД за факторинг, во соработка со Стопанската комора на Македонија, се одржа  конференцијата на тема: „Факторинг како финансиско решение кое овозможува раст на мали и средни претпријатија“.

На конференцијата беше презентиран Проектот за факторинг, којшто е тригодишен проект, а започна во октомври 2017 година, чијашто основна цел е зголемување на конкурентноста и проширување на пазарните можности на малите и средни претпријатија во Македонија преку едукација и информирање за пристап и користење на алтернативни извори на финансирање. Факторингот, како алтернативен извор на финансирање, го помага растот на претпријатијата преку обезбедување брз пристап до финансиски средства, преку подобрување на готовинскиот тек на фирмите и нивно поефикасно развивање. Проектот за факторинг обезбедува техничка помош и имплементира низа активности преку три главни компоненти: подигнување на свеста и знаењето на малите и средни претпријатија за алтернативните финансиски можности; имплементација на правната регулатива за факторинг и финансиска едукација на малите и средни претпријатија.

„Компаниите во Македонија, посебно микро, малите и средните фирми, многу малку или воопшто не користат факторинг. На ниско ниво се и свеста, како и информираноста за овој алтернативен начин на финансирање“, истакна Ловре Ристевски, директор на Проектот за факторинг на УСАИД.

Тој додаде дека факторингот помага во подобрувањето на готовинскиот тек на компаниите, обезбедува свеж обртен капитал во моментот кога им е најпотребен, го поддржува нивниот раст и развој. Во основа, факторингот претставува преземање на недоспеани побарувања. Според него, одложеното плаќање е голем проблем за нашите мали и средни претпријатија, а факторингот може да го скрати рокот, па наместо да чекаат трговецот да им ги даде парите за 90 дена, фирмите ќе ги добијат веднаш и ќе ги искористат во некој друг, поприоритетен правец.

„За разлика од банкарските кредити, факторингот не бара дополнително обезбедување“, истакна Ловре Ристевски.

Министерот без ресор во Владата на Република Македонија задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима на домашните компании, д-р Зоран Шапуриќ, во своето обраќање накусо истакна дека поддршката на микро, малите и средните компании, која е една од клучните владини определби, мора да се спроведува на долг рок. Во таа насока, една од мерките е настојувањето да се зголемат средствата во МБПР и значително да се намалат каматите.

Факторингот во Република Македонија засега го користат банките и само некои фирми што слушнале за него и што знаат дека претставува опција да си помогнат во даден момент, а го нудат и осигурителните друштва, како и Македонска банка за поддршка на развојот (МБПР) како придружен производ на осигурувањето за извоз.

„Во Европската Унија обемот на факторинг изнесува повеќе од 10 отсто на БДП, а во Словенија, чиј пазар е поразвиен од останатите во регионот, достигнува три проценти од БДП или 1,2 милијарди евра“, истакна Дарко Стефановски од МБПР, којшто воедно беше и модератор на панел-дискусијата во вториот дел на конференцијата.
На  панел-дискусијата гостите Дејан Барбутовски, директор на „АБС Факторинг“ од Словенија, Борис Абрамовиќ, експерт за факторинг од Хрватска, Владо Рошич, директор на „АБЛ Фактор“ од Србија, Драган Гичев, заменик-директор на Секторот за кооперативно банкарство од „Стопанска банка“ АД – Скопје и Станиша Јовановиќ од „Јуникс“ ДОО – Скопје, дискутираа и разменија искуства за факторингот од регионот како алтернативен начин за финансирање, како и за можностите и предностите коишто ги нуди факторингот како финансиска алатка за микро, малите и средните претпријатија.

М.В