Факторингот како алтернативен извор на финансирање
Факторингот, како алтернативен извор на финансирање, го помага растот на претпријатијата преку обезбедување брз пристап до финансии, подобрување на готовинскиот тек на фирмите и нивно поефикасно развивање без дополнително обезбедување.
Факторингот е финансиски производ кој им овозможува на претпријатијата брз и ефикасен пристап до финансиски средства преку продавање на недоспеаните побарувања. На тој начин ја подобрува ликвидноста и го поттикнува растот на претпријатијата.
Извозниот факторинг е производ наменет за македонските извозници кои имаат побарувања од странски купувачи, настанати како резултат на остварен извоз на стоки и услуги. Тој е одлична алатка за освојување на нови пазари и купувачи.
Проектот на УСАИД за факторинг има цел да им помогне на малите и на средните претпријатија преку едукација и информирање за пристапот кон алтернативни финансиски производи, флексибилни финансиски решенија, специјално приспособени за деловните потреби со цел да се унапреди разбирањето на факторингот како финансиска алатка која може да генерира моментална исплатлива ликвидност, со што ќе се зголеми продажбата и добивката на фирмите. Факторингот како алатка особено е приспособен за извозно ориентираните компании чијашто основна цел е зголемување на конкурентноста и проширување на пазарните можности на малите и на средните претпријатија во Македонија преку едукација и информирање за пристапот до алтернативни извори на финансирање и нивно користење. Факторингот, како алтернативен извор на финансирање, го помага растот на претпријатијата преку обезбедување брз пристап до финансиски средства, подобрување на готовинскиот тек на фирмите и нивно поефикасно развивање.
„Компаниите во Македонија, посебно микро, малите и средните фирми, многу малку или воопшто не користат факторинг. На ниско ниво се и свеста и информираноста за овој алтернативен начин на финансирање“, истакна Сузана Димовска-Тунтева, сопственик на „Фактор траст“ ДООЕЛ – Скопје, на денешната прес-конференција во врска со факторингот како алтернативен извор на финансирање.
„Факторингот помага во подобрување на готовинскиот тек на компаниите, обезбедува свеж обртен капитал во моментот кога им е најпотребен, го поддржува нивниот раст и развој. Во основа, факторингот претставува преземање на недоспеани побарувања. Според него, одложеното плаќање е голем проблем за нашите мали и средни претпријатија, а факторингот може да го скрати рокот, па наместо да чекаат трговецот да им ги даде парите за 90 дена, фирмите ќе ги добијат веднаш и ќе ги искористат во некој друг, поприоритетен правец. За разлика од банкарските кредити, факторингот не бара дополнително обезбедување“, образложи Тунтева.
Меѓународниот, односно двостепениот факторинг без регрес е овозможен преку членството во „Фактор чејн интернешнал“.
Финансиското друштво за факторинг „Фактор траст“ ДООЕЛ – Скопје е основано во 2010 година, имплеметатор е на УСАИД од 2017 година, а оваа година стана прва членка на „Фактор чејн интернешнал“ од Македонија.
„Фактор чејн интернешнал“ е водечка меѓународна организација за факторинг на независни факторинг-компании низ целиот свет, со репрезентативна мрежа за факторинг од околу 400 членови во 90 земји.
„Регионалната конференција за факторинг, во организација на Проектот на УСАИД за факторинг, имплементирана од страна на ФД ‘Фактор траст’ во соработка со ‘Фактор чејн интернешнал’, ќе се одржи на 14 мај 2019 година, со почеток во 9:00 часот во хотелот ‘Дабл три бај Хилтон’ во Скопје. Конференцијата ќе биде одлична можност за македонските претпријатија, за претставниците од финансискиот систем, за регулаторната и за правна заедница, како и за професионалните бизнис-здруженија да се запознаат со предизвиците и можностите на факторинг-индустријата, презентирани од претставниците на ‘Фактор чејн интернешнал’“, истакна Сузана Димовска-Тунтева, сопственик на „Фактор траст“ ДООЕЛ – Скопје.
Судиите на советување за факторинг
Факторинг како финансиско решение кое овозможува раст на мали и средни претпријатија
М.В