/ Прочитано:

920

Филе попладне ќе го објави Специјалниот извештај за Македонија

Вторник, 16 април 2013Специјалниот извештај за Македонија што Европската комисија го подготвуваше според заклучоците на декемврискиот Самит на Европскиoт совет, ќе биде објавен попладне во Европскиот парламент во Стразбур од комесарот за проширување на Европската унија Штефан Филе. 

До 16:00 часот кога е закажано појавувањето на Филе во Европарламентот, македонскиот извештај ќе биде отворен за измени и дополнувања. Пред се` тоа се однесува на прашањето дали до вечер Комисијата ќе подготви заклучоци за кусиот извештај или документот според најавите ќе биде само информативен во однос на остварените резултати на Македонија во однос на добрососедството со Бугарија, преземените чекори во решавањето на наметнатиот спор за името со Грција и резултатите од Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД).

Овој Специјален извештај нема да содржи препорака за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, туку само ќе биде потврдена веќе дадената препорака од ЕК во октомврискиот редовен извештај за земјата. Вчера, овој извештај за Македонија беше усвоен на Колеџот на комесари на Европската комисија, додека за 22-ри овој месец во Луксембург се закажани состаноци на Советот за министри за надворепни работи (ФАК) и на Советот за општи работи на ЕУ (ГАК), каде првпат шефовите на дипломатиите на 27-те земји-членки на Унијата ќе разговараат за можноста Македонија да добие датум за почеток на преговорите за членство на јунскиот Самит на Европскиот совет. Сето ова ќе зависи од денешниот извештај, кој како сега стојат работите се очекува да биде генерално позитивен и останува во јуни Европскиот совет по однос на заклучоците на својот последен Самит, тоа да го нотира и да ги отвори пристапните преговори со Македонија. Во Стразбур денеска ќе биде и македонскиот министер за надворешни работи, Никола Попоски, кој доаѓа на покана на генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка Горан Свилановиќ, за да учествува на работна вечера со министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан.