Финансискиот колатерал во стечајните постапки
Договорите за финансиски колатерал, на кои се однесуваат одредбите од Законот за стечај, подразбираат употреба на готови пари или финансиски инструменти поради обезбедување на сигурност на трансакции, односно обезбедување на побарувања. Најчесто странки во ваков договор се банки и други финансиски институции со други физички и правни лица, но тоа не е правило. Врз основа на договор или друг вид на аранжман за финансиски колатерал доверителите треба со стечајната пријава соодветно да го пријават правото на намирување обезбедено со финансиски колатерал, како разлачно право. Ваквите доверители имаат приоритет во правото на намирување пред обичните стечајни доверители.
Доверителот кој има утврдено побарување со право на намирување обезбедено со финансиски колатерал со правосилна и извршна судска одлука има право тоа побарување да го реализира надвор од стечајната постапка, во постапка со присилно извршување пред надлежен извршител. Доколку финансискиот колатерал се однесува на пари, во тој случај извршителот има право директно да ја блокира сметката на стечајниот должник и да го намири доверителот. За таквата ситуација во праксата се има произнесено Апелациониот суд, одлучувајќи во постапка по приговор на извршување поднесено од страна на стечајниот должник.
Доверителот кој има утврдено побарување со право на намирување обезбедено со финансиски колатерал, чие извршување, во согласност со Законот за стечај е автоматско, има право да го реализира соодветниот колатерал. Со други зборови, со оглед на фактот што се работи за утврдено побарување со право на намирување обезбедено со финансиски колатерал, доверителот, во согласност со одредбите од Законот за стечај, има право да бара реализација на соодветниот колатерал без разлика на настанатите правни последици од отворената стечајна или ликвидациона постапка. Во согласност со Законот за стечај, правата стекнати врз основа на финансискиот колатерал имаат правно дејство, односно остануваат во сила и по отворањето на стечајната постапка или по спроведување на планот за реорганизација. Значи, доверителот кој се стекнал со право на финансиско обезбедување реализацијата на своето обезбедување може да ја врши надвор од стечајната постапка според правилата на извршување и обезбедување.
Петро Јанура, адвокат