Фирмите иницираат измени на законската регулатива од областа на трговијата
Членките на Здружението на трговијата при Стопанската комора на РМ се едногласни дека се потребни повеќе иницијативи за измени и дополнувања на законската регулатива од областа на трговијата, во интерес на трговските компании, но и во интерес на потрошувачите и на државата.
„Потребна е дерегулација во секојдневното работење на компаниите од областа на трговијата, досега оптоварено со бројни ограничувања и администрација. Законските ограничувања создаваат можност за избегнување на примената на некои одредби, која предизвикува незаконско работење и појава на сива економија. Од девијантните појави, штета имаат и државата и компаниите што стриктно се придржуваат при примената на комплетната законска регулатива“, истакнуваат од Здружението.
Членките на Здружението поведуваат и иницијатива за измена на законските одредби што ја регулираат продажбата на алкохолни пијалаци. Компаниите, велат од Здружението, бараат укинување на одредбите поврзани со големите трошоци за добивање лиценца за продажба на алкохолните пијалаци, како и работното време за нивната продажба и физичкото одделување на алкохолните пијалаци.
„Оценка е дека со овие одредби драстично ќе се дерегулира работењето на трговските компании, ќе се воспостави еднаквост на пазарот, ќе се намалат трошоците во секојдневното работење, а приливот во државниот буџет нема да се намали, поради поголемата потрошувачка. Компаниите, исто така, ќе иницираат измени и дополнувања и на повеќе други закони кои позначајно влијаат врз работењето на компаниите во областа на трговијата и нив да ги достават до соодветните министерства, со соодветни аргументирани образложенија“, велат од Здружението на трговијата.
М.В