/ Прочитано:

4.455

Фирмите со помалку од 50 вработени ќе бидат ослободени од обврската за водење на канцелариско и архивско работење

Нови измени на Законот за архивски материјал се наоѓаат во собраниска процедура. Според измените, фирмите со помалку од 50 вработени ќе бидат ослободени од законската обврска за водење на канцелариско и архивско работење.

Фирмите со помалку од 50 вработени ќе бидат ослободени од законската обврска за водење на канцелариско и архивско работење

„Ќе се изврши поедноставување на канцелариското и архивското работење за приватните фирми, со тоа што фирмите со помалку од 50 вработени ќе бидат ослободени од законската обврска за водење на канцелариско и архивско работење согласно одредбите од овој закон, а за останатите фирми, односно оние со 50 и повеќе вработени се дава законски основ постојната евиденција која веќе ја имаат воспоставено да се смета за уредна“,  се посочува во законското образложение.

Исто така во законските измени се дава законска обврска за Државниот архив на Република Македонија да врши архивирање на документите во електронска форма.

„Во законот се врши измена, со тоа што досегашните три акти кои се донесуваа, односно Планот на архивски знаци, Листата на архивски материјал и Листата на документарен материјал со рокови за негово чување се заменува со еден акт кој во иднина ќе се донесува, а тоа е План на архивски знаци со листа на архивски и документарен материјал. Со тоа ќе се поедностави постапката како за јавните така и за приватните иматели на архивски и документарен материјал“ појаснуваат од Министерството за информатичко општество и администрација.

„Приватните иматели создаваат архивски и документарен материјал во помал обем“

Понатаму, во законското образложение се вели дека од утврдената состојба на терен и водените разговори со приватните иматели се стекнало сознание дека приватните иматели создаваат архивски и документарен материјал во помал обем.

„Од утврдената состојба на терен и водените разговори со приватните иматели се стекна сознание дека приватните иматели создаваат архивски и документарен материјал во помал обем, имаат сопствена номенклатура на заведување на документите и од тие причини се пристапи кон изменување на член 32 со тоа што се намалуваат обврските на приватните иматели  и   им се овозможува или да водат основна евиденција (деловодник) или евиденција согласно нивна номенклатура на броеви. Битно е да имаат евиденција на документацијата која ја создаваат. Тоа ќе се преслика на изработката на План на архивски знаци, Листа на архивски материјал и Листа на документарен материјал, кои ќе се изработуваат или согласно Планот и Листите дефинрани во Упатството или ќе употребуваат броеви и содржина согласно нивната номенклатура на броеви и согласно документите што ги создаваат. Исто така се направи поделба на иматели на приватен архивски и документарен материјал со до 49 вработени (мали) и иматели со над 49 вработени, од причина што постојат мали правни лица кои создават документација во исклучително мал обем“, се вели во законското образложение.

Од  Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), велат дека тие, на барање на илјадници компании-членки, до надлежните институции, поднеле иницијатива за измени на Законот.

ССК: Поднесовме иницијатива на барање на илјадници компании

„Доставената иницијатива од страна на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), на барање на илјадници компании-членки, до надлежните институции, во насока на поедноставување на канцелариското и архивското работење за приватните субјекти, е усвоена. На заедничкиот настан одржан на 10.3.2015 година на ССК и Министерството за информатичко општество и администрација на Република Македонија, надлежниот министер, г. Иво Ивановски, најави дека сме единствените кои имаат поднесено иницијатива за подобрување на начинот на функционирање на Законот за архивско работење. Истата, Владата на Република Македонија ја усвои врз основа на предложените измени“, велат од ССК.

Според измените, како што образложуваат од ССК, физичките лица и правните лица од приватниот сектор со помалку од 50 вработени ќе бидат ослободени од законската обврска за водење канцелариско и архивско работење, во согласност со одредбите од овој закон, а за компании со 50 и повеќе вработени, ќе следуваат олеснувања, односно ќе имаат обврска да водат единствено основна евиденција.

„Позитивно од Законот за архивско работење е што компаниите беа запознаени за документарниот материјал и роковите на негово чување. Веруваме дека и во иднина, како и досега, ќе продолжиме успешно да ги застапуваме интересите на компаниите и заеднички да дејствуваме во подобрување на условите за водење бизнис“, посочуваат од ССК.

Во изминатиот период на барање на ССК усвоени се иницијативите за измена во законот во делот на реинвестираната добивка, задолжителна задолжница, како и останати законски измени од голема важност за компаниите.

Измени на Законот беа најавени и минатата година

Измените на Законот за архивски материјал беа најавени и минатата година од страна на Државниот Архив, од каде за Академик посочија дека измените се неминовност.

„Ќе има измена на Законот за архивски материјал и точно ќе се прецизираат обврските на имателите, меѓу кои и на адвокатските друштва. Морам да признаам дека грешка имаме и ние како институција за создавањето на конфузијата и затоа дојдовме до заклучок дека е потребно да има законски измени со кои ќе се прецизираат обврските на адвокатските друштва за да не се создадат конфузии и различни толкувања повторно“ нагласи Зоран Трајковски, помошник-раководител на Секторот за надворешна служба од Државниот архив на Република Македонија.

АРХИВИСТИЧКИ АДВОКАТСКИ ДИЛЕМИ: „Казни за адвокатските канцеларии нема да има, но ќе има измени во Законот за архивски материјал“ – Зоран Трајковски, Државен aрхив на Република Македонија

М.В

27.04.2015