/ Прочитано:

5.560

Флексибилно работно време, скратено работно време на родител на новородено дете и татковско платено отсуство за намалување на родовиот јаз во платите

Едно од решенијата за намалување на родовиот јаз во платите во Република Македонија е воведувањето на флексибилното работно време, воведување право за скратено работно време на родител на новородено дете, велат од Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“.

fotografija

Воведување флексибилно работно време

Правото за користење флексибилно работно време, нагласуваат од Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“ , би овозможило да се балансираат различните интереси на работникот и работодавачот. Целта е да се стави акцент врз важноста за флексибилноста на пазарот на трудот и да се адаптираат работните часови и работното време соодветно со зголемувањето на разновидноста во начинот на живот и подемот на семејствата со двајца вработени родители.

„Флексибилното работно време овозможува простор во работата врз основа на личните потреби за флексибилност на работникот. Во однос на жените, флексибилното работно време овозможува подобра адаптација помеѓу нивните одговорности кон работата и семејството. Тоа овозможува намалување на конфликтот помеѓу работата и семејството, што понатаму директно поттикнува зголемување на активноста на жените на пазарот на трудот и намалување на тенденцијата на жените да излезат од пазарот на трудот поради преголемите одговорности кон семејството. Дополнително, флексибилното работно време им овозможува на родителите подобро делегирање на одговорностите кон семејството. На ваков начин се намалува ризикот и стравот кај работниците да ја загубат својата работа, што произлегува од немање флексибилност на работното време, кога родителите се принудени да преземаат обврски за грижа на своето дете (носење на детето на лекар, земање на детето од училиште итн.)“, посочуваат од „Фајнанс тинк“.

Флексибилното работно време, велат од „Фајнанс тинк“,  треба се имплементира како нов член во Законот за работни односи, каде што ќе биде дефинирано како право на работникот да го приспособи пристигнувањето на работа и заминувањето од работа колку пати сака на дневна основа, но е обврзан да исполни 40 часа неделно работно време кое утврдено според членот 116 од Законот.

Исто така, работникот има право да го дефинира своето работно време во согласност со работодавачот. Законот треба да овозможи и склучување работни договори кои ќе дефинираат работа од дома, работа на далечина, споделување на работното место итн.

Прашањето за флексибилното работно време елаборира и од страна на Меѓународната организација на трудот, во публикацијата „Пристојно работно време – Урамнотежување на потребите на работниците со барањата на работното место“. Нефлексибилното работно време и ограничената грижа за децата одат во насока на зајакнување на традиционалната поделба на трудот во семејството, а пристојното работно време им помага на работниците да постигнат подобра рамнотежа меѓу работата и приватниот живот, се вели во публикацијата.

Враќањето на старото работно време или воведувањето на флексибилното работно време е и едно од барањата на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Република Македонија, од каде што велат дека, според податоците од анкетата што ја направил УПОЗ, дури за над 75 проценти од испитаниците кои биле опфатени со анкетата,  новото работно време е контрапродуктивно и тие побарале негово менување.

Воведување право за скратено работно време на родител на новородено дете

Во однос на правото за користење скратено работно време од една година по завршувањето на деветмесечното отсуството од бременост, раѓање и родителство, од „Фајнс тинк“ посочуваат дека со ова решение ќе се поттикне полесна транзиција на мајката или таткото помеѓу одговорностите кон новороденото дете и работата.

„Дополнително, скратеното работно време овозможува да се намали тенденцијата на земање неплатено родителско отсуство заради грижа за детето. Исто така, скратеното работно време му овозможува на родителот да биде континуирано активен во својата работа, со што се намалува ерозијата на неговите вештини и на работното искуство, а истовремено се овозможува и грижа за детето. Скратеното работно време треба да биде имплементирано како нов член во Законот за работни односи, каде што ќе се дефинира како право за користење скратено работно време на родителот по завршување на 9-месечното отсуство од бременост, раѓање и родителство, а најмногу до навршување три години на детето“, истакнуваат од „Фајнанс тинк“.

Воведување татковско платено отсуство

„Татковско платено отсуство претставува начин таткото да има право да земе платено отсуство од еден месец за грижа за своето дете. Отсуството претставува мерка што ја ослободува мајката од одговорностите за грижа за детето и ја поддржува нејзината активност на пазарот на трудот или во нејзината работа. Татковското платено отсуство е различно од сегашното постојно решение во членот 167 од Законот за работни односи каде што таткото има право да земе родителско отсуство доколку отсуството не го искористи мајката. Татковското платено отсуство помага во делегирање на одговорностите помеѓу родителите кога грижата за новороденото дете е преголема да биде издржана само од едниот родител. Мерката е различна од родителско отсуство не само поради тоа што се однесува на татковците, туку и поради тоа што им овозможува на семејствата да искористат дополнително отсуство од постојното платено родителско отсуство и неплатеното родителско отсуство. Оваа невообичаена мерка промовира зголемување на родовата еднаквост во домот и на работното место, и помага во отстранување на општествените и традиционални норми дека мајката се грижи за детето, а таткото е глава на семејството. Дополнително, отсуството ги елиминира очекувањата во приватниот сектор дека мајката е личноста која комплетно ќе го користи своето отсуство од работа поради грижа околу своето дете“, образложуваат од „Фајнанс тинк“.

На крај, додаваат „Фајнанс тинк“, татковското платено отсуство има потенцијал индиректно да влијае позитивно врз зголемувањето на бројот на татковци кои земаат платено родителско отсуство. Преку воведување на оваа мерка татковците се поттикнуваат да преземат повеќе одговорности кон семејството, со што индиректно се вклучуваат во развојот на детето и се подобрува односот помеѓу двата родитела. Татковското платено отсуство треба да се воведе како нов член во секцијата Заштита на работниците поради бременост и родителство во Законот за работни односи.

М.В