/ Прочитано:

960

Формиран нов меѓудржавен тим кој ќе го истражува падот на Кингерот

Недела, 20 јануари 2013 – Формиран е истражен тим за нова истрага за смртта на поранешниот македонски претседател Борис Трајковски во авионската несреќа кај Мостар.

Истражниот тим е формиран откако Србија и Хрватска делегирале по еден член – изјави советникот на министерот за сообраќај и комуникации на БиХ Омер Кулиќ, пишува Дневни аваз

Кулиќ додал дека министерот Дамир Хаџиќ на почетокот на следната недела ќе потпише и официјална одлука за основање на тимот.

Пред неколку години, Комисијата што беше оформена за истражување на несреќата, а ја формира Советот на министри на БиХ, изведе заклучок дека причината била „процедурална грешка на пилотската екипа во фазата на слетување на Мостарскиот аеродром“. Поради недостиг на докази и факти, обвинителството на БиХ никогаш не поднесе обвинение против никого за падот на авионот.

Сведоци тврдат имало нешто сомнително

Неодамна, се појавија нови сведоци кои тврдат дека во тие 24 часа додека службите не го најдоа местото на падот на авионот, имало нешто сомнително на местото на несреќата. Јовица Балиќ од цивилната заштита на БиХ, кој на кобното утро бил дел од спасувачката екипи вели дека кога дошле на местото на несреќата биле пречекани со пушки од страна на припадниите на СФОР. До денес тој се уште не може да си ја објасни енигмата зошто припадниците на СФОР цели 24 часа не ги пуштале да се приближат до местото на несреќата.

Местото Ротимље се наоѓа многу блиску до местото на падот на кингерот, веднаш под самиот рид каде се урнаа авионските крила. Жители на Ротимље денес тврдат дека го слушнале уривањето на авионот, не знаеле што се случува, но по еден чај виделе бели џипови, како што тврдат „бела полиција“. Нивните раскажувања за утрото на 26 февруари 2004 година се косат со изјавите на властите дека поради непроодноста на теренот не можело да се стигне до остатоците и пламенот од авионот.

Владиниот „Кингер“ со кој претседателот Борис Трајковски патуваше на Меѓународна конференција за инвестирање во Босна и Херцеговина и требаше да слета на мостарскиот аеродром, се урна на 26 февруари 2004 година атарот на Матиќ Брдо кај селото Хусковиќи во близина на Мостар. Остатоците од авионот и настраданите беа пронајдени преку 24 часа по уривањето на „Кингерот“. Во несреќата, покрај Трајковски животот го загубија Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан Лозановска од Кабинетот на претседателот, Миле Крстевски од Министерство за надворешни работи, Борис Велинов и Аце Божиновски членови на обезбедувањето и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.