Формирана кризна група за сите информации и активности во врска со коронавирусот
Министерот за здравство, Венко Филипче, во денешната изјава за медиумите истакна дека од денеска во рамките на Министерството за здравство функционира кризна група, во која членуваат експерти од областа на епидемиологијата и инфективните болести со цел менаџирање на сите информации и активности во врска со случаите со коронавирусот, потенцијално доколку ги има, потоа координација на сите активности со другите институции и со препораките кои вчера беа дадени од Центарот за управување со кризи. Во текот на денешниот ден ќе се дистрибуира целокупниот информативен материјал – прашалникот, како и заштитниот материјал до сите гранични премини (сувоземни) и до аеродромите, како и дополнување онаму каде што недостига.
„Сакам да информирам дека имаме доволни количества резервни маски, мантили и скафандери, коишто ќе се дополнат во периодот што следува. Во текот на вчерашниот ден во доцните часови на Инфективната клиника се јави еден италијански државјанин, на кој по доаѓањето дома, откако слетал од аеродромот во Милано, му се појавиле симптоми слични на грип. Преземени беа сите мерки на внимателност и беа направени потребните тестови, при што негативен е тестот за коронавирусот. Уште еден пациент се наоѓа на Инфективната клиника, кој пристигнал од Дубаи со симптоми слични на грип. Во текот на денот резултатите од испитувањето на неговата здравствена состојба ќе се знаат за два до три часа. Апелираме да не се патува без некоја посебна потреба во Италија, посебно во Северна Италија“, рече министерот Филипче.
Воедно, тој упати апел до сите кои дошле од критичните региони да се придржуваат до препораките што ги добиле во летокот – доколку по патувањето во период од две недели им се појават некакви симптоми, да не чекаат на здравствените институции, туку да се јават на телефоните во Центарот за јавно здравје и Институтот за јавно здравје. Исто така, министерот уште еднаш упати апел до јавноста да биде сензитивна и да не наседнува на лажни вести, да не се креира непотребна паника. Тој истакна дека Министерството за здравство е на располагање 24 часа со цел споделување на сите точни информации.
Исто така, министерот соопшти дека на денешната седница на Владата ќе се дискутира за откажување на сите планирани патувања на државните институции во овој дел на Европа.
На крајот министерот за здравство упати апел до сите граѓани да се придржуваат до мерките коишто се дистрибуирани, во смисла на одржување на личната хигиена, која помага во спречување на ширење на оваа инфекција, како и на актуелниот грип.
М.В