/ Прочитано:

638

Формирана парламентарна група за правата на лицата со хендикеп

Почитување и унапредување на правата на лицата со хендикеп и отстранување на сите бариери со цел да се овозможи нивно вклучување во општествениот и политичкиот живот, подигнување на јавната свест за ова прашање, иницирање законски решенија кои тоа ќе го овозможат, се дел од прашањата на кои ќе работи Интерпартиската парламентарна група (ИППГ) што беше формирана денеска во рамки на овој пратенички состав на Собранието.

Претседателот на Собранието Талат Џафери обраќајќи се на состанокот за формирање на оваа ИППГ,  истакна дека сите законски решенија кои ќе се носат треба да им го олеснуваат животот на овие лица, да овозможат еднаков третман, пристап и можности за секој граѓанин, без оглед на неговата етничка, верска, полова, социјална и културолошка припадност, а секако, во ниту еден случај во зависност од неговата физичка можност или неможност.

„Верувам дека најтешко надминливите бариери се токму тие што ги подигаме во нашата свест, со нашиот начин на размислување и начин на делување. Наша законска, морална и етичка должност е да работиме во насока на симнување на тие бариери, да се посветиме на унапредувањето и заштитата на човековите права и оневозможување на дискриминација по каков било основ и тоа треба да ни биде водилка при секој преземен чекор за менување, дополнување, прилагодување на важечките закони во нашата земја“, рече Џафери.

Животот е предизвик, истакна претседателот на Собранието, и секој може во еден миг да биде пред сосема неочекувана бариера.

„Затоа да не дозволуваме ние луѓето да бидеме тие што ќе подигнеме нови бариери, туку да се насочиме кон овозможување достопност и инклузивност на секој поеднинец затоа што сите сме уникатни и особени по нешто“, кажа Џафери.

Амбасадорката на Велика Британија Рејчел Галовеј смета дека и покрај тоа што досега е направено, потребно е и натаму да се работи на унапредувањето на правата на лицата со хендикеп во сите сфери на општественото живеење, како и овозможување услови за нивно учество во политичкиот живот.

Пратениците, рече, мора да придонесат за подобри услови за лицата со хедикеп, дали преку надзорни расправи или закои кои ќе се донесуваат за да ја подобрат нивната состојба во оваа земја.

„ИППГ,Собранието и политичките партии мора да бидат што попристапни, да има превод на знаковен јазик, достапни интернет страници, клучните документи да бидат достапни и во аудио форма, како и избор на соодветни сали за состаноци“, рече Галовеј додавајќи и дека Изборниот законик мора да биде сепфатен, избирачките места да бидат достапни за граѓаните и секоја институција треба да биде достапна за секој граѓанин.

Според Елена Кочоска од Движењето против хендикеп „Полио Плус“, пристапност не значи само пристапност до објекти и институции, туку и пристапност до информации. Потребно е, нагласи таа, да се работи на подигнувањето на јавната свест, но и да се работи за почитување и унапредување на правата на овие лица.

На лицата со хендикеп, потенцира, не им е потребна само емпатија, туку конкретни активности и иницирање законски измени со кои ќе се подобрат нивните права и ќе им се озвоможи вклучување во општествениот и политичкиот живот.

Јован Митрески, пратеник од СДСМ, кој е избран за претседавач на ИППГ, истакна дека оваа форма на парламентарно делување, иако е неформална, досега покажала успешни резултати во напорите и настојувањата да се обезбеди општество еднакво за сите.

Во парламентарното јадро на оваа група, рече, се вклучени пратеници од сите политички партии. Таа, нагласи Митрески, ќе го запазува мотото на лицата со хендикеп „ништо за нас без нас“, ќе ги поставува и отвора и натаму заборавените прашања и обврски.

На денешниот состанок освен претседавачот Митрески, без избрни и заменици претседавачи – Никола Мицески и Ели Панова пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, Халил Снопче пратеник од Алијанса за Албанците и Мерита Колчи Коџаџику пратеничка од ДУИ. (MИA)