Форум за реформите на правниот систем за заштита од семејно насилство
Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, во соработка со Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, организираше форум на тема „Забрзување на суштинските реформи на кривичноправниот и граѓанскоправниот систем за заштита од семејно насилство“.
На форумот присуствуваа судии од граѓанските и кривичните оддели од сите апелациони подрачја, јавни обвинители и претставници на Министерството за внатрешни работи и Меѓуопштинскиот центар за социјални работи Скопје.
На денешниот настан беа презентирани наодите од набљудувањето на судските предмети за семејно насилство, како и препораките за унапредување на правниот систем за заштита од семејно насилство.
Форумот со поздравно обраќање го отвори Наташа Габер-Дамјановска, директорка на Академијата за судии и јавни обвинители. Таа во своето обраќање го истакна значењето на реформите на системот за заштита од семејно насилство, нагласувајќи ја важноста од неговото регулирање во позитивното законодавство, што ја стави државата во редот на државите кои, покрај задолжителното давање соодветна заштита на жртвите на семејно насилство, воведоа и комплементарна правна заштита на жртвите во овие случаи. Директорката на Академијата потенцираше дека за доследни реформи неопходно е јакнење на јавната свест и на меѓуинституционална соработка.
За целите на проектот и за постигнатите резултати на настанот говореше Стојан Мишев од ЕСЕ. Мишев подвлече дека како здружение подолг период се посветени на прашањето за спречување на семејното насилство. Во нивните истражувања анализирани се сите аспекти на прашањето, како од законодавен така и од социолошки аспект.
„Имаме конкретни препораки за тоа кои закони треба да претрпат измени и во која насока да се реформира законодавството. Но, имаме препораки и во делот на постапувањето на судиите и стручните лица, особено во делот на зголемување на пристапот до правда на жените што претрпеле семејно насилство. Една од препораките е да нема судски трошоци при иницирањето на судска постапка од страна на некоја жртва која претрпела семејно насилство и да не треба таа жртва сама да ги покрива трошоците за обезбедување докази. Потоа, во текот на постапката да нема непотребно одложување на судските рочишта“, образложи Мишев.
На денешниот настан се обратија и заменик-министерот за правда, Оливер Ристовски, судијата Стојан Михов, како и судијките Мирјана Калчиноска и Зора Треневска. Заменик-министерот за правда и судиите во своите обраќања го акцентираа значењето од унапредувањето на правниот систем за заштита од семејно насилство и дадоа конкретни предлози и препораки за унапредувањето на системот од практичен аспект.
М.В