/ Прочитано:

1.547

Форум за регулатива за работните односи и пазарот на труд во компаниите што се занимаваат со интелектуални дејности

Во насока на поефикасно имплементирање на законите во Република Македонија преку проектот на УСАИД „Партнерство за подобра бизнис регулатива“, на 25.9.2017 година во Битола се  организираше форум на тема: „Регулатива за работните односи и пазарот на труд во компаниите кои се занимаваат со интелектуални дејности: нотари, извршители, адвокати, сметководствени бироа и консултанти“.

Целта на форумот, известуваат од Стопанската комора на Македонија, беше да се дискутира за теми поврзани со регулативата за работните односи, а кои се спeцифични за компаниите што се занимаваат со интелектуални дејности, и тоа: регулирање на работните односи во секторот за интелектуални дејности; плати и надоместоци од работен однос;успешни примери и искуства во регулирање на работните односи во регионот; прашања и дискусија со претставници од бизнис секторот и надлежните институции.

Воведно обраќање и кратко претставување на проектот „Партнерство за подобра бизнис регулатива“ дадоа Јадранка Аризанковска, претставник од Стопанската комора на Македонија и Тања Марковска, претставник од УСАИД.

На форумот свое обраќање имаа консултантите Јован Најденовски и Маријана Андриќ, кои ги презентираа темите: „Анализа на проблемите и предизвиците со кои се соочуваат компаниите што се занимаваат со интелектуални дејности во однос на Законот за работни односи“ и „Плаќање на работата и трошоците од работен однос во РМ и потреби од приспособување на постојната регулатива со современите трендови во компаниите кои се занимаваат со интелектуални дејности“.

Како гостин-презентер свое обраќање имаше и Красен Стефанов, експерт и консултант од Р Бугарија кој пренесе успешни примери и искуства во регулирање на работните односи во регионот.

Форумот е  имплементиран од страна на Стопанската комора на Македонија, во соработка со „ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал“ и Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ) и Стопанската комора на Северозападна Македонија, партнери во проектот на УСАИД: „ПАРТНЕРСТВО ЗА ПОДОБРА БИЗНИС РЕГУЛАТИВА“.

M.В