/ Прочитано:

1.728

Форум за регулативата за ангел-инвеститорите

Во Република Македонија има недостиг од комерцијални форми за поддршка на компаниите, особено на малите и средни претпријатија, како и на стартап бизнисите, токму затоа, по примерот на земјите со конкурентни економии, потребен е влез на ангел-инвеститори кои финансиски  ќе ги поддржат македонските компании, ќе ги зајакнат, а со тоа ќе го зајакнат и домашното стопанство. Во услови кога тешко се стигнува до поволни кредити за бизнисите во почетен развој, бизнис-ангелите имаат значајна улога во процесот на развој на компаниите бидејќи освен капитал, нудат и експертиза, а за возврат добиваат удел во бизнисот, беше истакнато на денешниот „Форум 2018 – Потенцијал на регулатива за ангел-инвеститори“, во организација на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), под покровителство на Кабинетот на Зоран Шапуриќ, министер задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима, Влада на Република Македонија.

Високи претставници од Владата на Република Македонија, од НБРМ, претставници на деловната заедница, домашни и странски експерти, академици и професори ја истакнаа потребата од изработка на законска регулатива со која ќе се овозможи влез на ваквите инвеститори на македонскиот пазар бидејќи имаат интерес, но правната неизвесност ги одвраќа од вложување.

Претседателот на Сојузот, Данела Арсовска, истакна дека станува збор за алтернативен начин на финансирање, со кој по примерот на конкурентните економии се дава можност за брзо јакнење на домашното стопанство.

Со воспоставување на регулатива за ангел-инвеститори во Република Македонија, во функција на дефинирање на правилата по примерот на земјите каде што веќе функционира овој начин на инвестирање на капиталот, ќе се овозможи влез на средства во македонските компании, со долгорочна цел – градење на силен домашен приватен сектор.  Инвестициите неопходни за раст и севкупен економски развој во денешни услови и во согласност со светските трендови и искуства покажуваат дека токму ангел-инвеститорите се од значење не само за приватниот сектор, туку и за севкупната економија. Како резултат на деловните средби на светските конгреси и форуми, детектиравме интерес од страна на ангел-инвеститорите за сериозни вложувања во нашата земја, а она што би им дало сигурност во инвестициите е законската регулатива. За таа цел е формирана работна група која започнува да работи на закон и во Република Македонија по примерот на земјите од Европа и светот, преку следење на глобалните трендови за регулирање на овој вид на инвестирање“, изјави Арсовска и додаде дека е неопходно подигнување на свеста за различните модели на инвестирање, кои се од големо значење особено во денешните услови на отежнат пристап до финансирање, пред сè за малите и средни компании.

Министерот Шапуриќ даде силна поддршка на иницијативата за воспоставување правна рамка за регулирање на ваквиот тип на инвестирање и вклучување во работната група на сите засегнати страни приватниот сектор, универзитети, национална и локална власт, претприемачи, бизнис-инкубатори. Бизнис-ангелите преферираат идеи од областа на интернет-технологии, телекомуникации, енергија, електроника, но не се ограничени на нив.

Свое излагање за моделите на функционирање на ангел-инвеститорите имаше професорот Леонид Наков од „Економски факултет“ Скопје, Универзитет Св. Кирил и Методиј и претставник на Светскиот форум на бизнис-ангели, кој ја истакна важноста од ангел-инвеститорите за една земја и ги презентираше моделите на функционирање на ангел-инвеститорите во земјите од светот. Поддршка на форумот и регулирање на ваквиот тип на инвестирање даде и Анита Ангеловска-Бежовска, гувернер на НБРМ.

Досега во нашата земја се направени неколку инвестиции од страна на бизнис-ангели во стартап компании. На Форумот беше истакнато дека економското значење на бизнис-ангелите во развиените земји посебно во САД и во Велика Британија, како и во земјите на ЕУ, е во нагорен тренд, главно поради тоа што бизнис-ангелите инвестираат сè позначајни суми во новите бизниси, а исто така ги затвораат и т.н. прв и втор капитален јаз, со кои се соочуваат малите бизниси во текот на нивниот раст. Тоа значи дека бизнис-ангелите вложуваат во малите бизниси во најкритичните моменти. Значајноста на бизнис-ангелите е согледана и од Европската комисија со чија соработка во 1999 година се формира Мрежата на европски бизнис-ангели (EBAN – European Business Angel Network) со цел да обезбеди почетни стартап фондови за бизнис-проектите.

M.В