/ Прочитано:

2.183

ФОРУМ ЗА СУДИИ: Жртвите на семејно насилство да бидат ослободени од плаќање на судска такса и трошоци на постапката!

 Денеска, на Меѓународниот ден на човековите права, Проектот на УСАИД за правна заштита на жени имплементиран од страна на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ) одржа форум за граѓански и кривични судии.

На настанот беа презентирани и дискутирани наодите од шестмесечното набљудување на судски предмети за насилство врз жени (жртви на семејно насилство, трговија со луѓе и насилство врз сексуални работнички), како и наоди од првичната анализа.

Анализата од прибраните основни податоци за период од 2012-2014 година укажува на золемен број на кривични пријави за насилство врз жени, за разлика од бројот на покренати обвиненија. Поднесените предлози за кривично гонење за телесна повреда при семејно насилство, во голем дел се повлечени од страна на жртвите во текот на постапката.

Од изречените осудителни казни за сторено семејно насилство, во 62% е изречена алтернативна мерка – условна осуда. Добиените податоци од оваа анализа во голем дел соодветствуваат со првичните податоци од следењето на судските постапки за насилство врз жени.

„Тие укажуваат на исклучително голем број на процесуирани кривични постапки за казнени дела за насилство врз жените. Најголем број на кривични постапки се однесуваат на семејното насилство, по што следат предметите за трговија со луѓе.  Присутна е тенденција на поблаго казнување на сторителите на семејно насилство и трговија со луѓе, со што се не се придонесува кон генерална превенција од овие видови на насилство. Мал е бројот на граѓански постапки за изрекување на привремените мерки за заштита кои имаат за цел превенирање на семејно насилство“, беше истакнато на денешниот настан.

Незначителен е бројот на жртви кои иницираат постапки за надомест на штета поради претрпеното насилство. Следењето на судски предмети спроведено во период од шест месеци (март – октомври, 2015 година) опфатило набљудување на 80 судски предмети за насилство врз жени, односно 188 судски рочишта во десет основни суда во државата.

Постапката за изрекување на привремени мерки за заштита од семејно насилство во недоволна мерка е промовирана како механизам за заштита што може да го иницира жртвата непосредно со поднесување на предлогот до судот лично самата, односно преку полномошник. Дури во три четвртини од случаите на семејно насилство предлогот за изрекување на мерките бил поднесен од страна на Центрите за социјална работа.

Според наодите на анализата, во повеќе од половина од случаите постапката била започната и завршена со одржување на едно судско рочиште. Во секој петти судски предмет од ваков вид биле одржани две рочишта, додека во секој четврти предмет биле одржани три или повеќе судски рочишта.

„Особено загрижуваат поединечните случаи идентификувани со истражувањето во кои беа закажани повеќе од 5 судски рочишта за изрекување на ПМЗ. За позитивна судска практика го сметаме одржувањето на едно до две судски рочишта пред донесување на решение за изрекување на привремените мерки за заштита, при што е почитуван законскиот рок за итност на постапката. Утврдена е негативна практика од одржување на три и повеќе судски рочишта, при што не е испочитуван законскиот рок за итност на постапката. На пр., предлогот во еден од судските предмети што беа предмет на анализа бил поднесен и во рок од три дена било закажано првото судско рочиште на кое судот во целост го усвоил предлогот. Пример за негативна практика е судски случај во кој биле одржани повеќе од пет судски рочишта и поминале повеќе од 30 дена за да донесе судот решение по предлогот. Наодите од анализата укажаа на тоа дека судиите во голема мерка го почитуваат законски утврдениот рок од 8 дена за донесување на решение по одржувањето на последното закажано судско рочиште (92,4%), се вели во Анализата.

Судската практика е различна кога станува збор за времето за кое се изрекуваат привремените мерки за заштита од семејно насилство. Времетраењето на изречените мерки се движи од 3 месеци до една година.

„Карактеристично е тоа што во секој трет случај привремените мерки биле изречени за период од 6 месеци, односно во секој четврт судски случај биле изречени за период од 12 месеци. Во 22,4% од судските предмети, ПМЗ биле изречени за период од 3 месеци“, се вели во Анализата.

Паралелното водење на кривичната постапка против противникот може да се искористи при изведување на доказите во постапката за изрекување на привремени мерки за заштита како доказ за постоењето и сериозноста на семејното насилство. Истовремено, тоа треба да претставува фактор кој ќе укаже на потребата за запазување на итноста на постапката и изрекување на предложените мерки во законски предвидениот рок.

„Особено загрижува тоа што процентот на уважување на предложените ПМЗ во целост во судските постапки, кога паралелно се води кривична постапка, е дури и помал од оној во случаите каде што не се водело паралелно кривична постапка против насилникот. Дотолку повеќе што процентот на неусвоени или одбиени предлози за изрекување на ПМЗ е поголем кај судските постапки каде што паралелно се водела и кривична постапка за заштита на жртвите на семејно насилство“, се посочува во анализата, во која се даваат следните препораки:

• Потребно е промовирање на постапката за изрекувањето на привремените мерки за заштита од семејно насилство како механизам што жртвата може непосредно да го иницира за своја заштита од идно насилство и за справување со последиците од семејното насилство. Загрижува тоа што дел од наведените причини за незакажување на судско рочиште се од техничка природа и тие не смеат да претствуваат пречка за заштита на психичкиот и физичкиот интегритет на жртвата на семејно насилство, како на пр. идентификуваната практика кај дел од судовите да ги отфрлаат предлозите заради неприложен доказ за плaтена судска такса без да побараат доуредување на предметот од страна на предлагачот. Од страна на судиите присутни на Форумот за судии беше утврдена потребата за ослободување на жртвите од плаќање на судската такса.

• Потребно е усвојување на измени во законската регулатива за ослободување на жртвите на семејно насилство од плаќање на судски такси за поведување на судските постапки за нивна заштита. Во предметите каде што жртвата непосредно го поднела предлогот за изрекување на ПМЗ до судот за спроведување на вештачење при изведување на докази потребно е предлагачот да плати дополнителни трошоци. Ова особено се однесува на судските предмети каде што со поднесениот предлог се бара изрекување на мерката „задолжително лекување“, која впрочем била изречена во повеќе од една третина од предметите.

• Државата да формира наменски фонд за поддршка на жртвите што имаат поведено постапка за изрекување на привремени мерки за заштита од семејно насилство и со средствата од овој фонд да се поддржи прибирањето на потребните докази во постапката. Во судските постапки за изрекување на привремени мерки за заштита при изведување на докази со кои се докажуваат заканите од противникот, еден од доказите е листата на повици од телефонскиот оператор кој може да се прибави само по барање на судот.

• Потребно е усвојување на измени во законската регулатива со цел предлагачот во постапката за изрекување на ПМЗ да може по сопствено барање да ја добие листата на повици од телефонскиот оператор. Во дел од судовите беше утврдена позитивна судска практика за изрекување на предложените привремени мерки за заштита по закажување на едно до две рочишта за таа намена, додека во дел од судовите беа одржани повеќе од три рочишта.

• Потребно е организирање на форуми помеѓу судиите за размена на искуство и прифаќање на позитивните практики од другите судови во граѓанските судски постапки за изрекување на привремени мерки за заштита од семејно насилство. Паралелното водење на кривична постапка против противникот во граѓанските судски постапки за заштита треба да се земе како валиден доказ за постоењето на семејното насилство и за неговата сериозност, односно изрекување на предложените привремени мерки за заштита со запазување на законските рокови за итност на постапката. Впрочем, во најсериозните случаи на семејно насилство, најсоодветно жртвата може да се заштити преку паралелно активирање на граѓанско-правниот и кривично-правниот систем на заштита.

• Потребно е судовите да го земат предвид иницирањето на кривичната постапка како доказ при донесувањето на Решение за изрекување на привремените мерки за заштита

М.В