/ Прочитано:

1.166

Форум за унапредување на инвестициската клима меѓу Европската Унија и Западен Балкан

Од заклучоците за економскиот и финансискиот дијалог меѓу ЕУ, државите од Западен Балкан и Турција, произлезе потребата Република Македонија да усвои сеопфатна и веродостојна програма за реформи во управувањето со јавните финансии, како и да ја намали употребата на постапката за итност во законодавството за да се обезбедат соодветни и систематски консултации со засегнатите страни.

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), Даниела Арсовска и министерот за економија на Албанија,  Милва Економи, го отворија  „Форумот за унапредување на инвестициската клима меѓу Европската Унија и Западен Балкан“, кој е организиран од страна на Генералниот директорат за проширување на Европската комисија.

На првата панел-сесија, Хан и Арсовска дискутираа за неопходноста од структурни реформи, со цел подобрување на инвестициската клима, потребата од регионална економска интеграција, како и приближување кон единствениот пазар на Европската Унија.

Во своето обраќање, еврокомесарот Хан истакна дека условот за креирање, имплементација и следење на структурните реформи не е дополнителна пречка за земјите на нивниот пат кон членство во ЕУ. 

Од заклучоците за економскиот и финансискиот дијалог меѓу ЕУ, државите од Западен Балкан и Турција, произлезе потребата Република Македонија да усвои сеопфатна и веродостојна програма за реформи во управувањето со јавните финансии, како и да ја намали употребата на постапката за итност во законодавството за да се обезбедат соодветни и систематски консултации со засегнатите страни.

Претседателката на ССК, Арсовска, во своето обраќање нагласи дека потребата за имплементација на програмата за економски реформи од април годинава треба да се постави како приоритет.

„Деловното опкружување со чести законски измени и парафискални давачки на различни административни нивоа во континуитет ќе се соочува со предизвици. Главните слабости, покрај честото менување на легислативата, се и недоволните консултации на засегнатите страни, но и големиот неформален сектор, како и проблематичниот пристап до финансии за малите и средните претпријатија. Оправдана реформска мерка е намалување на уделот на сивата економија, која не партиципира со приходи во буџетот, а дополнителен ефект е што ја нарушува конкурентноста во приватниот сектор. Севкупно, потребен е фокус на структурни реформи за развој на приватниот сектор и подобрување на конкурентноста“, изјави Арсовска.

Лидерите на Западен Балкан, креаторите на економските политики, инвеститорите на ЕУ, како и регионалните и локалните бизниси, дискутираа за важноста на структурните реформи како средство за подобрување на инвестициската клима, како и зголемено учество на приватниот сектор во креирањето и спроведувањето на овие реформи.