/Прочитано:

1.104

(ФОТО) АНТИВЛАДИНИ ПРОТЕСТИ: „Одговорност, оставка и праведно судење“

Недела, 17 мај 2015 – Десетици илјади граѓани, опозицискиот блок предводен од СДСМ, граѓански здруженија и организации од невладиниот сектор на денешниот протест во Скопје побараа заминување на власта и одговорност од Владата. 

Со антивладини транспаренти „За Македонија се работи“, „Оди си“, „Збогум Никола“, „Цензурата е забранета“, „Слобода“, „Готово е“,  и со веење македонски и знамиња на етничките заедници, граѓаните порачаа дека ќе бидат присутни на протестите сè до нивната крајна цел – оставка на премиерот Никола Груевски и на целиот владин состав. Протестот се одвиваше во мирна атмосфера, а на насобраните граѓани им се обратија политичари, уметници, универзитетски професори, граѓански активисти и студенти.

„Со волја или без волја на Никола Груевски, тој ќе замине. Мора да замине, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој, покрај оставка од Груевски, побара и оставки  од јавниот обвинител, од обвинителот за организиран криминал и од раководството на МРТВ.

Заев подвлече дека е неопходно да се формира преодна влада, да се прочистат избирачките списоци и да се вратат во нормала сите механизми на државата.

„Ние треба да ги вратиме демократијата, достоинството, да ја исправиме на нозе Македонија, да ги запишеме повторно избришаните европски вредности“, дополни Заев. 

„Вака ли, вие, драги политичари ја креиравте иднината за Македонија, земја без младина, земја на родители кои си ги испраќаат децата во туѓина“, рече во своето обраќање Христијан Поп Симонов од Студентскиот пленум.

Режисерот Александар Поповски посочи дека протестира за сите неправди што ѝ се направени на Македонија и дека  стои на страната на луѓето што се за подобра Македонија.

„Ова ме потсетува на една реплика – нешто е гнило во државата Македонија, и затоа треба да оздрави“, рече режисерот Поповски.

Марија Џонс, активистка на левичарското движење „Ленка“, рече дека моќта е во луѓето и само тие можат да ги променат работите. 

„До сите неопределени што нè гледате на Интернет, до сите што се правите на удрени – не живееме во политичка криза, сите од оваа и од она страна сме го допреле дното и нема да нè извлече оваа власт“, упати порака Џонс до македонските граѓани.

„Имаме право да се буниме тогаш кога ни се газат нашите права. Имаме право да бидеме слободни!“, истакна професорката Мирјана Најчевска.

Граѓанскиот активист Џабир Дерала рече дека за мизеријата, смртта и тепањето некој мора да ја плати сметката.

„Пораката е јасна. Оставка, праведно судење, конфискација и затвор!“, потенцираше Дерала.

Поранешниот македонски амбасадор и дипломат Никола Димитров во своето обраќање изјави дека е време кога треба да се стават темелите на идната  Македонија.

„Ќе ги поставиме темелите на идната Македонија. Сите заедно да ѝ ја вратиме душата на Македонија. Фала ти Никола, фала ти што нè обедини, нè обедини да го одбраниме Уставот од тебе и сите заедно обединети, а нè има од секаде и нè има секакви, бараме одговорност!“  рече Димитров.

За режисерот Владимир Милчин нема да има мир, додека нема да има правда. Тој упати директна порака до премиерот: „Груевски, заминувај!“ 

Новинарот и активист Огнен Јаневски повика на обединување во име на мирот. Тој нагласи дека граѓаните што протестираат имаат слободен ум, слободна мисла и срце и тие ќе бидат камбаните што ќе бијат изразувајќи го својот револт.

„Будни сме и никогаш повеќе нема да заспиеме“, истакна новинарот и музичар  Петрит Сарачини-Мра.

„Кога ве гледам толку многу пред мене, ја гледам Македонија, која цело време режимот на Груевски сакаше да пропадне“, додаде Сарачини.

На протестот се обратија и поранешниот бугарски премиер, Сергеј Станишев, и Кнут Флекенштајн, потпретседател на групата социјалисти во Европскиот парламент. Тие порачаа дека силата е во граѓанското општество и дека мора да се врати слободата на медиумите и независноста на судството. 

Дел од граѓаните што протестираа денеска ќе останат да кампуваат пред Владата, поради, како што образложуваат, исполнување на нивните барања – оставка на владиниот состав и на премиерот. На тревникот пред Владата се поставени шатори каде што ќе кампуваат тие  ноќеска.

„Ќе останеме овде сѐ додека Никола Груевски не си замине од функцијата“, велат граѓаните.

Денешниот протест следува четири месеци по објавата на прислушуваните телефонски разговори на функционери, во кои, како што тврди опозицијата, се слушаат криминалот и изборните нерегуларности на владејачката гарнитура.

За утрешниот ден и ВМРО-ДПМНЕ најавува и повикува на голем народен митинг  пред Собранието на Република Македонија за, како што истакнуваат од партијата, да се упати порака на деструктивната политика на опозицијата.

М.В

Фото: Наќе Батев