/ Прочитано:

2.308

(ФОТО) ДЕБАТА – „МОЌТА НА ПРАВНАТА МУДРОСТ“: Студентите желни за дискусија и за размена и аргументи

Зарем ќе каже некој дека нашите студенти се апатични, незаинтересирани. Цел ден полагаа колоквиуми и еве ги тука, на дебата. Оттука да излеземе со немир, со аргументи…“. Со овие зборови, проф. д-р Добринка Тасковска ја отвори дебатата „Моќта на правната мудрост“, идеја поттикната од студенти во трета година на Правниот факултет „Јустинијан први“, а реализирана со нејзина поддршка. За интересот говори и фактот што амфитеатарот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ беше претесен за љубопитните студенти од повеќе факултети, меѓу кои Штуловиот универзитет, Филозофскиот факултет, но и од Факултетот за драмски уметности. Настанот, како што беше посочено, има за цел да прерасне во традиција, каде ќе се вкрстуваат аргументи и ќе се бараат одговори на битни и актуелни прашања од повеќе сфери на општественото живеење.

Во дебатата беа вклучени професорот од Правниот факултет д-р Дејан Мицковиќ, новинарот Александар Пешев, и дипломираната студентка од Правен факултет, Зорица Наумовска.

Наумоска се осврна на трите клучни поими: моќта, правото и мудроста. Посочи дека секој правник се наоѓа во ситуација кога треба да избере дали ќе ги искористи пропустите во законите за одредени цели.

„Правото само по себе е мудрост. Творба на човековата мудрост која без моќта не би постоела. Историјата ни нуди безброј примери дали таа моќ, мудрост се користела во добри или во лоши цели“, рече таа.

Иако концептот на дебатата предвидува да се говори на повеќе теми, акцентот се наметна на темата за сурогат-мајчинството, кое Македонија неодамна го воведе и со тоа стана една од ретките држави во Европа во која е дозволено тоа, а за која во јавноста, пред да бидат изгласани измените на Законот за биомедицинско потпомогнато оплодување, многу малку се проговори.

Дали да дозволиме комерцијализација на процесот на репродукција?

Според проф. д-р Мицковиќ, оваа тема отвора исклучително сериозни правни, морални, социолошки, филозофски прашања и дилеми.

Иако сурогат-мајчинството може да биде алтруистичко и комерцијално, експертот по семејно право е песимист дека во реалноста некој би се нафатил на ваков чекор од алтруистички побуди.

„Ова отвора сериозна дилема. Дали да дозволиме комерцијализација на процесот на репродукција, којашто во крајна линија ги сведува и бебето и мајката на ниво на ствар, на предмет кој се наоѓа во промет: кој може да се купува и кој може да се продава. Дали не е тоа спротивно на дигнитетот на човековата личност – да биде објект за продажба? Тоа е исклучително сериозно прашање, а со воведувањето на сурогат-мајчинството јас сметам дека одиме во правец на комерцијализација на процесот на репродукција и на претворање на човековите суштества во ствари коишто можат да се купуваат и да се продаваат на пазарот. Дилемата е – што е предмет кај сурогат-мајчинството: дали парот ја купува услугата сурогат-мајка или купува бебе, што се купува тука. Тоа е многу спорно“, истакна тој.

Низ призмата на најпознатиот судски случај од оваа област, а веројатно и еден од најпознатите судски случаи во историјата на САД, „Бејби ем“ („Baby M“), во кој ситуацијата се yсложнува во моментот кога сурогат-мајката го раѓа бебето и носи одлука дека не може да го предаде на брачниот пар со кој склучила договор, Мицковиќ посочува дека актуелното законско решение поради низа недоречености и небулози може да произведе ваква практика и во Македонија.

Имено, првостепениот суд во случајот „Бејби ем“ донесе одлука дека договорот мора да се почитува и дека сурогат-мајката треба да го предаде бебето на брачниот пар со којшто склучила договор, меѓутоа Врховниот суд на Њу Џерси донесе поинаква одлука. Според Врховниот суд на Њу Џерси, жената што го раѓа детето е мајка на детето, дотолку повеќе што во овој случај таа е и генетска мајка, а освен тоа, според Судот, договорот не може да се почитува затоа што сурогат-мајката кога го склучувала договорот не била слободна бидејќи била во извонредно тешка финансиска состојба и склучувањето на овој договор бил единствениот нејзин извор на приходи, меѓутоа кога се раѓа бебето, таа решава да ги врати парите, но да го задржи бебето.

„Ние, со нашиот Закон, тотално го нарушивме концептот и велиме дека една жена пред воопшто да биде оплодена, писмено се откажува од бебето. По ова сме уникатни во Европа. Такво нешто не е познато во споредбеното право и јас очекувам да имаме слични случаи како овој ’Бејби ем’. И во оние држави каде што е дозволено сурогат-мајчинството не се отстапува од концепцијата дека мајка на детето е жената што го раѓа детето – таа се запишува во матичната книга, а парот што склучил договор може да поднесе барање шест недели по раѓањето на бебето тие да бидат запишани во матичната книга, но за тоа е потребно прво, да донесе одлука судија и второ, сурогат-мајката да не се спротивставува“, појасни Мицковиќ.

Според професорот, проблематична е одредбата што предвидува дека брачниот пар не мора да има никаква генетска врска со детето.

„Значи сега брачниот пар се претвора во менаџерски пар, па наоѓа донор на јајце клетка, на сперматозоиди, наоѓа сурогат-мајка и добива бебе. И тука сме уникатни.

Ако дозволиме комерцијализација на процесот на репродукција го сведуваме, човечкото суштество на предмет што, според мене, има непредвидливи импликации“, смета тој.

„Мислам дека треба да бидеме практични и да се соочиме со сурогат-мајчинството. Тоа постои, но треба да го регулираме на правилен начин, не вака“, истакна студентка, која се вклучи во дискусијата.

„Би сакала да ве прашам дали некој се консултира со вас, експертите за семејно право, во врска со тоа како да биде регулирано сурогат-мајчинството“, додаде таа.

„Ме консултираа во фазата кога беа решени дека ќе го прифатат. Целата расправа многу ми личеше на расправата околу измените во Законот за високото образование. Значи јас им кажав дека клучно, суштинско прашање е – дали воопшто да го воведеме сурогат-мајчинството, а не како да го регулираме. Значи таа клучна фаза дали да се воведе, во Министерството за здравство ја прескокнаа и ме викна да дебатирам како да се регулира. Сепак, посочив дека всушност најголем дел од европските земји и државите во САД го забрануваат сурогат-мајчинството“, одговори Мицковиќ.

За професорот спорно е и тоа што, во согласност со Законот, брачната двојка има право да бара абортус од сурогат-мајката.

„За една категорија жени – да бидат господар на своето тело – тоа не важи. Сурогат-мајката не е господар на своето сопствено тело, таа е претворена во инкубатор и тоа за мене е вознемирувачки“.

„Дали мислите дека иднината на раѓањето на бебиња е во инкубатор?“, беше прашањето на Мицковиќ упатено до студентите, со кое дел не се согласија.

„Јас тврдам дека во психолошка смисла, во правна и во филозофска смисла е значаен чекор во тој правец бидејќи велиме – жената е инкубатор. Мојот страв не од она што ќе се случи ако ние денес, како што сме го направиле тоа, го дозволиме сурогат-мајчинството. Мојот почитуван професор Ѓорѓе Маријановиќ имаше обичај на своите прекрасни предавања да каже: ’Патот кон пеколот е поплочен со добри намери’. Сурогат-мајчинството е добар пример за тоа“, потцрта проф. д-р Мицковиќ.

За комерцијализацијата многи влијае и амбиентот во медумите, смета новнарот Александар Пешев.

„Според мене, потенцијалниот конфликт може да се огледа и во прашањето – како овој концепт ќе се вклопи во традиционалните програмски шеми што сега се промовираат на медиумите“, истакна тој.

Глобално лицемерие

Новинарот Пешев во своето обраќање до студентите се фокусираше на слободата на говорот и за начинот на кој новинарите известуваат за настаните. Во контекст на ова беа споменати неодамнешните случувања во Париз, кога беа ликвидирани 12 новинари на францускиот хумористичен весник „Шарли ебдо“, но и масакрот на „Боко харам“ во Нигерија во кој беа убиени 2.000 лица.

„Која е вредноста на животот во медиумите, на социјалните мрежи… Не можеше ли еден да каже јас сум тие 2.000 што ги убија во Нигерија“, рече Пешев.

„Во однос на неодамнешните случувања во Франција, би сакала да нагласам дека претседателите, кои излегоа на марш, во своите држави не ја дозволуваат слободата на говор и заклучокот е дека се соочуваме со еден вид глобално лицемерие. Тоа што не се ставаат на ист пиедестал 12 луѓе и 2.000 луѓе е двоен аршин што отвора многу прашања“, истакна студентка.

Друга студентка, пак, им порача на своите колеги да го земат својот живот во сопствените раце.

„Сакам да прашам дали го имате гледано филмот V for Vendetta, односно сцената кога во еден момент луѓето престануваат да гледаат вести и додека работат телевизорите, сите луѓе се на улица и се подготвени да го земат својот живот во сопствените раце? Мислам дека тоа треба да се случи и во Македонија бидејќи самите си го газиме достоинството, како најголема вредност на човекот. Јас се срамам кога ќе излезам на улица да протестирам за подобро образование, за да не си отидам од оваа држава, а некој од спроти мене седи, пие кафе и се помирува со ситуацијата“, рече таа.

„Сите добро поентираат дека медиумите се под силно влијание на центрите на политичка моќ. Се гледа незадоволството што го има народот кон медиумите и тоа треба нас, како медиуми, сериозно да нè загрижувa. Нема власт во светот што не сака да ги контролира медимуите, но прашање е до кој степен медиумите ќе го дозволат тоа“, порача Пешев.

На првата од серијата предвидени дебати се проговори и за Студентскиот пленум, за државниот испит, за високото образование воопшто.

„И покрај тоа што велиме дека сè е црно, ни треба малку дух што јас лично го чувствувам во ова студентско движење кое е полно со шарм, со хумор, но истовремено и со достоинство и со аргументи и кое, навистина, веројатно интуитивно го бира најдобриот правец. И сметам дека никој друг освен студентите не треба да биде инволвиран во тој сегмент “, заклучи професорот Мицкoвиќ.


Елена Павловска / pavlovskae@akademik.com.mk Објавено: 17.01.2014