/ Прочитано:

880

ФОТО: На Табановце во автобус пронајдени 126 килограми марихуана

Понеделник, 28 јануари 2013 – Царинските службеници од граничниот премин Табановце вчеравечер од автобус со охридски таблички запленија 126 килограми висококвалитетна марихуана. Дрогата била скриена на покривот на автобусот, а дел во просторот за вентилација. Осомничениот сопственик на транспортна компанија признал дека ја превезувал марихуаната за надомест од 40 илјади евра. 

Цариниците се посомневале поради несоодветно и нервозното однесување на возачот, малиот број на патници и поради тоа што автобусот бил многу стар.  Во него се превезувале тројца патници на релација Струга-Виена-Струга, а марихуаната требало да биде предадена на трето лице во Унгарија. Осомничениот заработи кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори.

„Од спроведената предистражна постапка, собрани се докази кои укажуваат дека осомничениот Б.Т (40), сопственик на транспортна компанија која сообраќа на повеќе релации во земјата и странство, за надомест од 40.0000 евра“, соопштија на денешната прес-конференција од Царинската управа.

Марихуаната претходно била донесена со истиот автобус, а патувала на релација Куманово-Тирана-Куманово. Оттаму марихуаната била стационирана во Струга со план да патува за Виена. Потеклото на дрогата е од Албанија.

Марихуаната со ваков квалитет во голема продажба на нарко пазарите во Европа би достигнала цена од 300.000 евра, додека во малопродажба би достигнала и до еден милион евра. Ова е втор случај на необично сокривање на марихуана откриена на Табановце во последните 15 дена.  Неодамна биле откриени 15 килограми марихуана скриени во плинска боца.