/ Прочитано:

6.234

(ФОТО) Нови објекти во КПУ „Идризово“, а наскоро во процедура и Законот за извршување на санкциите

Министерката за правда, Рената Дескоска, и директорот на Управата за извршување на санкции, Јовица Стојановиќ, денеска ги промовираа двата новоизградени објекти во КПУ „Идризово“ – Отворено одделение за сместување на 294 осудени лица на површина од 3.800 м2, како и Полуотворено одделение за сместување на 252 осудени лица на површина од 4.000 м2.

Новите одделенија се изградени по најсовремени европски стандарди и затворски правила. Ќелиите се за сместување на четири осудени лица, со бања, предвидени се заеднички простории за престој, работилници, сали за фитнес, ќелии за лица со посебни потреби, шеталишта и игралишта.

Во Отвореното одделение изградени се и гаражи и работилници во кои ќе работат затворениците. Добрите услови и работилниците помагаат за побрза и подобра ресоцијализација на осудените лица. Покрај придобивки за осудените лица, нагласуваат од Министерството за правда, новите простории значат и подобрување на условите за работа на вработените од повеќе аспекти.

Министерката за правда, Рената Дескоска, истакна дека еден од приоритетите на Владата на Република Македонија претставува и искоренувањето на сите облици на кршење на човековите права, превенирање на можностите за тортура и нечовечко и понижувачко постапување и казнување, па во таа насока рече дека покрај тоа што треба да бидат заштитени лицата кои се на слобода, треба да бидат и оние на кои слободата им е ограничена.

„Република Македонија долго време е критикувана во меѓународните и домашните извештаи за несоодветните услови во затворите, и со тоа за нехуман третман на лицата кои се на издржување на најтешката казна во македонското законодавство – казната затвор. Во Идризово се сместени повеќе од 3/5 од затворениците во целата земја. Неговата пренатрупаност е клучен проблем бидејќи се забележани ситуации во кои во оваа институција биле сместувани и повеќе од двојно поголем број на лица од предвидените капацитети.

Пренатрупаноста на затворите води кон други секундарни проблеми, како што се: несоодветни услови за сместување, загрозени хигиенски и санитетски услови, како и отежнато одржување на редот и безбедноста во затворот и спречување на конфликтите внатре.

„Градењето на нови сместувачки капацитети во КПД Идризово е всушност една од мерките кои ги преземаме за подобрување на условите за извршување на санкциите во Република Македонија“, потенцираше Дескоска.

Покрај изградбата на новите одделенија во КПУ Идризово, изградена е пречистителна станица за отпадни води, извршена е реконструкција на постоен објект кој се адаптираше во Тренинг центар за одржување на обуки и проверка на знаењата на вработените во казнено-поправните и воспитно-поправните установи во Република Македонија, реконструирана е административната зграда, а набавена е и современа опрема за негово функционирање, односно набавена е информатичка опрема, опрема за симултан превод, кујна и мебел за сите простории во објектот.

Дескоска најави дека наскоро ќе биде пуштен во процедура и Законот за извршување на санкциите.

Проектот за изградба и реконструкција на казнено-поправните и воспитно-поправните установи во Република Македонија се реализира преку Министерството за правда – Управа за извршување на санкции, со заем од Банката за развој на Советот на Европа (ЦЕБ), во износ од 46 милиони евра.

Основната цел на овој проект е унапредување на процесот на извршување на санкциите, преку остварување и унапредување на човековите права во однос на условите за сместување, хигиената, здравствената заштита, работните и слободните активности на осудените и притворените лица, како и подобрување на работните услови на вработените во четири установи: Затвор „Куманово“ село Кшање, Општина Куманово,  Воспитно-поправен дом за малолетници „Тетово“, Општина Брвеница, Казнено-поправен дом „Идризово“, Општина Гази Баба, Затвор „Скопје“, Општина Шуто Оризари.

М.В