/ Прочитано:

1.430

ФОТО: Опустошена црквата „Св. Георгиј“ во Лазарополе

Вторник, 23 април 2013 – Повеќе вредни икони изработени од 16 до 19 век, како и реставрираната престолна резба, се украдени вчера од црквата „Свети Георгиј“ во село Лазарополе. „Осквернет е најубавиот храм во Мијачкиот крај, храм прочуен по својот редок и вреден иконостас, но и по доста богатата галерија на стари икони кои датираат од XVI до XVIII век“, стои во соопштението на Бигорскиот манастир „Св.Јован Крстител“.

Група крадци, како што  стои на веб страницата на Бигорскиот манастир „Св.Јован Крстител“, успеале да украдат дел од престолните икони и други ретки икони од 16, 18 и 19 век, цел горен ред од иконостасот, па дури и старата и неодамна реставрирана престолна резба.

Непознато лице насилно ја отворило вратата ноќта помеѓу 12 и 22 април од црквата и украло 20 икони корнејќи ги од ѕидовите на храмот. Покрај иконите се украдени и две резбрани врати од олтарот“, информира МВР.

Полицијата извршила увид и се трага по сторителот а допрва треба да се утврди вредноста на украдените икони.

„Оваа жална слика е само еден тажен потсетник за нас дека едно непроценливо богатство што некогаш го красеше овој раскошен храм е неповратно заминато. Влезната врата е буквално распарчена, иконите се искорнати од ѕидовите и оваа жална слика е само еден тажен потсетник за нас дека едно непроценливо богатство што некогаш го красеше овој раскошен храм е неповратно заминато. За жал органите за безбедност се покажаа немоќни да влезат во трага на оваа организирана група, или да направат било што да ја запрат оваа серија на кражби која нè лишува од најсветото и највредното“, информираат од Бигорскиот манастир.

Храмот посветен на „Свети Георгиј“ неодамна беше реставриран во сета своја убавина. Манастирот со години ги плени  поклониците и туристите, восхитувајќи ги со својот прекрасен и уникатен лик.

>> AНАЛИЗА Заштитата на македонското културното наследство по манастирите и црквите — состојби и предизвици