/Прочитано:

1.076

(ФОТО) Правен факултет „Јустинијан Први“: Убавиот збор железни врати отвора – правниците дискутираа за говорот на омраза на Интернет

За да се видливи резултатите од борбата против говорот на омраза треба да се запознае феноменологијата на омразата од сите нејзини аспекти, особено од правните. Нејзината присутност во реалноста се преточува и низ виртуелноста, од каде, честопати, прераснува во исклучиво опасна појава и општествена девијација. За тоа што всушност претставува говорот на омраза и какво влијание има врз и во општеството, младата генерација на правници на денешната Конференција за правните аспекти на говорот на омраза даде свои видувања и одговори, пренесувајќи ги своите исклучиво интересни искуства и социолошко-правни аргументации.

Васка Бојаџи, студент на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во своето воведно излагање ја истакна важноста од дефинирањето и препознавањњето на говорот на омраза, укажувајќи дека Република Македонија, а особено младите студенти по право преку матичните асоцијации и Студентскиот парламент неисцрпно се заложуваат ова прашање да добие соодветен општествен третман, за што говорат конкретните акции како Кампањата против говорот на омраза и декларираните заложби на национално ниво преку Советот на Европа.

Во таа насока и Зорица Стаменковска од Агенција за млади и спорт ја искажа националната политиката која е составен дел на глобалното движење против говорот на омраза, од минатата година засилена и со преземање на поинтензивни активности на тој план.

Марија Василевска од Студентскиот сојуз при Правниот факултет, исто така, потенцираше дека студентите на Правниот факултет „Јустинијан Први“, со ваквата организација упатуваат апел да се превенира омразата во општеството и говорот на омраза на интернет и како студенти на факултет на кој се проучуваат правните аспекти на говорот на омраза да ги извлечат најдобрите пораки и експликации за оваа тема.

Говорот на омраза како нормативен екстремизам

Андреј Божиновски од Здружението за кривично право и криминологија ги анализираше казнено-правните аспекти на говорот на омраза и делата од омраза, концентрирајќи се на домицилната казнено-правна регулатива, ширењето на говорот на омраза на интернет, навредата како омаловажување и нејзиниот однос со говор на омраза во кое постојат предрасуди.

Тој се осврна и на говорот на омраза на меѓународен план, давајќи конкретни примери.

„Постои дескриптивен и нормативен екстремизам. Тука се препознаваат предрасудите, но и самото препознавање и вметнување на предрасудите низ законски текстови“, потенцираше тој, надополнувајќи дека американскиот Патриотски акт е пример за таков нормативен екстремизам. Но, како што напомна, постојат бројни примери за тоа и во Европа.

„Постои политичка организација „Прогрес“ во Норвешка што има за цел државата да отстапи од Европската конвенција за човекови права и да се донесе некое нивно ново законодавство и примена на нови закони“, подвлече Божиновски.

Примерите како Златна зора, норвешкиот „Прогрес“ и случајот со Брејвик како член на „Прогрес“ се типичен пример за тоа како омразата се дисперзира низ интеренет заедницата и колку може да биде инфлуентна од таму.

„Замислете, Брејвик постојано добива писма од обожаватели, а има и таква која му пратила писмо во кое пишувало дека неговиот мозок е привлечен“,  илустрираше Божиновски.

Костадин Богданов, владин агент на Република Македонија во ЕСЧП, се осврна на говорот на омраза пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, укажувајќи и на самите аспекти на постапката пред Судот.

Тој истакна дека иако во денешно време е актуелно прашањето и често се спомнува флоскулата „Ќе тужам во Стразбур“, од Македонија пред судот немало предмет за говор на омраза. 

Во одредени ситауци предметите не се процесуирале и затоа што не се користела Уставната иницијатива пред Уставниот суд како правен механизам за заштита на правата, што воедно претставува и инстанциона неопходност за поведување на процес.

„Генерално, општата практика во Судот во Стразбур говори дека се процесуираат предмети на говор омраза како расизам, ксенофобија, рушење на уставниот поредок на државата и слично“, прецизираше Богданов, велејќи дека тој феномен треба да се гледа и од аспект на предизвикувањето на последиците од самиот говор, за што го упати и претходно спомнатиот случај со Брејвик.

Костадинов напомна дека прв и единствен предмет од Македонија во однос на проблематиката што се дискутира е апликацијата на Руфи Османи,  која не завршила во негова полза.

„Би рекол дека практиката на судот е заснована на полиберален концепт, освен за екстремни случаи како расизам, ксенофобија, дискриминација, насилно рушење на системот итн.“, објасни Богданов, сугерирајќи како заклучок и на извесни едукативни слабости кои постојат и во домашното судство.

Омразата на интернет е рефлексија на омраза во општеството

Проф. д-р. Драги Рашковски од Правниот факултет „Јустинијан Први“, дускутираше за потешкотиите при справувањето со говорот на омраза на Интернет и како што рече, омразата на интернетот е отсликување од омразата во општествата.

„На интеренет, на фејсбук, има и љубов, но има и омраза, како и во реалниот живот“, рече Рашковски.

Според него, надлежните институции можат да интеревенираат до бизнис носителите на социјалните мрежи одреден промотор на говор на омраза да биде остранет со профилот од социјалната мрежа и дека МВР, можеби не доволно, но соработува со седиштата на тие компании односно мрежи кога треба да се реагира за одреден случај.

„Имено, интернетот служи како средство и не е интернетот промотор на говор на омраза, промотор е самата реалност што се рефлектира преку него“, заклучи Рашковски, според кого примарно е сузбивањето на говорот на омраза во ралитетот, па потоа во виртуелитетот.

За да се бориш против нешто, мора да се запознаеш со тоа – едукацијата е најдобар начин

За активностите на ОБСЕ во борбата против говорот на омраза говореше м-р Томе Шеќерџиев од Мисија на ОБСЕ во Скопје.

Шеќерџиев даде детален преглед на сите активности на ОБСЕ во врска со ова прашање, притоа презентирајќи ги конкретните акции како резултат на идентификацијата и креирањето на ресурси на Мисијата, во смисла на создавањето на публикации со едукативно-практична цел.

„За да се борите против нешто, мора да го запознаете, а за да знаете против што се борите, најдобро се запознава ако се чита и информира“, на интересн начин упати порака Шеќерџиев до младите правници и новинари, советувајќи дека за позитивен општествен резултат мора претходно да се запознаат границите на дистинкција на говорот на омраза и криминалот од омраза.

За таа цел тој посочи дека ОБСЕ подготвила правна анализа на говорот на омраза и криминалот од омраза, слободата на изразување и говорот на омраза, како и збирка на пресуди од Европскиот суд на правдата како корисна алатка за препознавање на овие казнено-правни и социолошки феномени.

Медиумите, според него, исто така ја сносат одговорноста за ширење на говор на омраза и во тој контекст додаде дека користејќи ги искуствата од делокругот на анализи на ОБСЕ, најважно е медиумско имплементирање на услови за користење и користење на филтри на зборови.

„Во напредната размисла, дури се оди дотаму што борбата против говорот на омраза започнува со поттикнување на креативност во образованието, како на пример низ предметот креативно пишување“, ја акцентираше Томе Шеќерџиев педагошко-правната димензија на превенцијата од говорот на омраза.

Убавиот збор железни врати отвора

Кон неговата презентација на правните аспекти на говорот на омраза, одлично се надоврза Александра Цветановска од Здружение на млади правници која говорејќи за спроведувањето на меѓународната кампања против говор на омраза, инспиративно се повика на традиционалноста во културата на зборот.

За Цветановска, културата на зборот е сведена на ниско ниво што директно се одразува и на говорот на омраза на интеренет и на социјалните мрежи.

„Можеби треба повеќе да се потпреме на онаа наша стара мудрост дека убавиот збор железни врати отвора“, апелираше Цветаноска, за која клучно е подигнувањето на свеста и подигнувањето на културата на зборот, затоа што говорот на омраза предизвукува тешка емоционална болка, која ниту е знак за културна воздигнатост, ниту пак знак за правна култура и естетика, особено не кај младата популација.


Автор: Милчо Велјаноски

Обjавено: 24. 02. 2014