(ФОТО) ПРВ АКАДЕМСКИ ЧАС НА ПРАВНИОТ ФАКУЛТЕТ „ЈУСТИНИЈАН ПРВИ“: Студентите се движечка и креативна сила на земјата!
Денеска на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ се одржа првиот академски час за учебната 2017/2018 година. „Јустинијан Први - секогаш први“ беше нагласено на почетокот на настанот пред многубројните присутни студенти, млади правници, професори, асистенти, средношколци кои во правните, политичките и студиите по новинарство ја гледаат својата професионална иднина, како и пред бројните претставници на македонското правосудство и пошироката правничка и академска заедница.
На првиот академски час се обратија: проф. д-р Никола Јанкуловски, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Горан Коевски, декан на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје, Наташа Трпеноска-Тренчевска, адвокат, основач и управувачки партнер на Адвокатско друштво „Трпеноски“, Александар Шопов, судија, претседател на Основен суд Велес, Анѓелка Пеева-Лауренчиќ, основач и директор на „Имиџ ПР“, Тревор Џонстон, со твининг-проектот: „Развој на соработката помеѓу високообразовните установи, приватниот сектор и релевантните јавни тела“ и Викторија Спасовска, најдобра студентка на прв циклус на студии во 2015/16.
Во своето обраќање, ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски, им посака добредојде на студентите на, како што нагласи, најстариот универзитет во земјата. Ректорот Јанкуловски им порача на студентите дека тие влегуваат во нова фаза од животот и дека за нив е предизвик да студираат токму на најстариот универзитет во Македонија, кој бележи бројни успеси на наставно-научен план. Во таа насока, ректорот Јанкуловски на студентите им посака да постигнуваат значителни резултати во своето образование, со што и најдоблесно ќе ја продолжат традицијата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Добивањето на препознатливиот индекс на УКИМ е стартна позиција на вашите идни професионални успеси, рече Јанкуловски, додавајќи дека да се припаѓа на УКИМ е чест, но и обврска, затоа што знаењето, науката и квалитетот се негуваат на овој Универзитет од самото негово основање.
„Една стара кинеска мудрост вели дека учителот ви ги отвара вратите, но вие морате да учите сами. Ние сме тука да ви ги отвориме вратите. Да се биде добар студент на УКИМ и да се биде добар стручњак апсолутно не е лесно, бара многу напорна работа, голем труд, многу откажувања“, додаде Јанкуловски.
Проф. д-р Горан Коевски, декан на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје, на денешниот прв академски час упати порака до студентите дека образованието бара посветеност, како од студентите, така и од професорскиот кадар и дека студентите и професорите мора да соработуваат и да бидат рамноправни партнери во наставно-образовниот процес.
„Високото образование генерално се соочува со брзи и драматични предизвици како на национално така и на глобално ниво. Од друга страна високото образование континуирано се соочува со намалување на расположливите средства за научно истражувачка дејност, а директните и индиректните трошоци за студирање постојано растат. Се поставува и дилемата дали болоњскиот процес е соодветен за многу научни дисциплини, вклучително и за правната“, рече деканот на Правниот факултет.
За деканот Коевски да се студира право денес значи да се верува дека во Република Македонија може да се изгради правен систем кој ќе ги поддржи и одбрани слободата и демократијата.
Како Правен факултет, нагласи Коевски, предизвиците нè мотивираат. Реформите се предизвик за сите и тие треба да бидат инспирација, а не страв од промени. За нас, истакна деканот на најстариот правен факултет, е обврска да ја почитуваме традицијата на создавање врвни кадри во областа на правото, комуникологијата и политикологијата.
„Но, таквата обврска истовремено е и предизвик да се надградува таа традиција и постојано да се осовременува системот на стекнување и пренесување знаења“, подвлече деканот проф. д-р Горан Коевски.
„Заедно со студентите треба да ја вратиме довербата во правниот систем. Само преку стабилен правен систем ќе можеме да обезбедиме системско владеење на правото“, истакна Коевски, додавајќи дека на Правниот факултет има бројни новости како дел од заложбите за постојано осовременување и реакредитирање на наставните планови за студиските и за предметните програми.
Наташа Трпеноска-Тренчевска, адвокат, основач и управувачки партнер на Адвокатско друштво „Трпеноски“, во своето обраќање говореше за своите адвокатски почетоци и за нејзините студентски денови на Правниот факултет „Јустунијан Први“. Адвокатката Трпеноска-Тренческа нагласи дека адвокатурата е одговорна професија за која клучна е љубовта кон правото. Како студенти, ги советуваше адвокатката идните правници, секогаш истражувајте и бидете посветени на правната наука.
Александар Шопов, судија, претседател на Основен суд Велес, на студентите им порача да стекнуваат што е можно повеќе знаења и вештини, како иманентни за практикувањето на правото. Секогаш учете, рече судијата Шопов, но учете за знаење, а не за оценка, тоа е вистинскиот пат до успехот.
Анѓелка Пеева-Лауренчиќ, основач и директор на „Имиџ ПР“, на студентите им порача да веруваат во себе, да бидат креативни и полни со ентузијазам. Кога јас се запишав на Правниот факултет, рече Пеева-Лауренчиќ, не постоеше насоката за односи со јавноста, но ете, сега сум посветена на тоа. Со тоа, подвлече Лауренчиќ, сакам да ви укажам секогаш да учите и да дознавате повеќе од која било област и тоа што ќе го работите да го работите со љубов.
Викторија Спасовска, најдобра студентка на прв циклус на студии во 2015/16, во своето инспиративно обраќање рече дека студентите се движечка сила на секое општество и на секоја земја. Треба да учиме, да читаме повеќе, истакна Спасовска, порачувајќи им на студентите да бидат активни и да ја искористат својата енергија за подобро образование. И она што е најважно, додаде најдобрата студентка, да се дружиме и да соработуваме и заедно да постигнуваме успеси.
На денешниот настан се обрати и Тревор Џонстон, со твининг-проектот: „Развој на соработката помеѓу високообразовните установи, приватниот сектор и релевантните јавни тела“, кој, како и другите говорници, на студентите им посака постигнување солидни академски резултати.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е првиот државен универзитет во Република Македонија, формиран во 1949 година со три факултети. Денес, тој претставува заедница на 23 факултети, 5 научни институти, 4 јавни научни установи – придружни членки, 1 придружна членка – друга високообразовна установа и 7 придружни членки – други организации. Неговата дејност е уредена со Законот за високото образование и со Статутот на Универзитетот.
На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје постојат студиски програми во сите научни области – природно-математичките, техничко-технолошките, медицинските науки и здравствoто, биотехничките, општествените, хуманистичките науки и уметностите. Истражувачката работа, освен на факултетите, се одвива и на научните институти во состав на Универзитетот.
Правниот факултет „Јустинијан Први“ е најстарата високообразовна установа во Република Македонија од сферата на правните, политиколошките и комуниколошките науки. Основан е со Уредба на Владата на НР Македонија од 3 ноември 1951 година како отсек на Правно-економскиот факултет на Универзитетот во Скопје, а од 1 јули 1956 година работи како прва, самостојна високообразовна институција од областа на правните науки.
Во 2001 година Правниот факултет, по повод 50-годишнината од своето постоење, со одлука на Наставно-научниот совет беше преименуван во Правен факултет „Јустинијан Први” (Facultas Iuridica lustinianus Primus). Во 2016 година, Правниот факултет ја прослави 65-годишнината од своето постоење.
М.В