/ Прочитано:

1.539

(ФОТО) ШТРАЈК НА СУДСКИТЕ СЛУЖБЕНИЦИ: „Ако за една недела не се исполнат барањата, можен е и генерален штрајк!“

Четврток, 3 декември 2015 – Вработените во судската администрација денеска излегоа на предупредувачки штрајк поради незадоволството од Законот за судска служба, кој, како што нагласуваат, крајно е штетен и демотивирачки за вработените во судската служба. Ако за една недела не се исполнат барањата, можен е и генерален штрајк, предупредуваат тие.

Судските службеници велат дека Законот за судска служба е штетен и демотивирачки за нив и дека се работи за решение кое е неприменливо и контрадикторно. Тие нагласуваат дека постојано укажувале на потребата од негови измени и дека на нивното работење нагативно ќе се одразат, како што нагласуваат, рестриктивните и демотивирачките одредби од Законот за судска служба.

„И покрај многу други проблеми со кои се соочуваме низ работата, требаше уште вакво законско решение да дојде, со големи казни, со ограничувачки одредби, со демотивирачка содржина, со ограничена иднина за нас. Како пак, тоа да е решението за проблемите во судството. А не праша ли некој за Законот, или пак за другите проблеми? Ова е токму состојба како што вели слоганот наш – не го баравме, ама си го добивме“, коментираат судските службениците.

Претседателот на Здружението на судска администрација, Борче Мирчески за Академик вели дека штрајкот е над очекувањата и дека има излезност од над 90 проценти на судските службеници и членовите на судската администрација. Тој нагласува дека ќе чекаат една недела Владата да реагира и да ги исполни барањата и додава дека имаат агенда како да постапуваат понатаму, за што дополнително ќе се произнесат во зависност од реакцијата на Владата за она што го бараат.

„Не го исклучуваме ниту генералниот штрајк. Нашето барање не е само да имаме нови средби со министерот за правда, туку да влеземе во работните групи и конечно да се пристапи кон подготовка на измените на Законот за кој ние веќе имаме и подготвено текст“, вели Мирчески, нагласувајќи дека треба сериозно да се сфатат нивните намери и сериозно да се се разгледаат и имлементираат нивните забелешки.

Трпе Дејановски, генерален секретар на УПОЗ, додава дека сите службеници се одважиле на штрајкот и имало голема излезност во сите судови во Република Македонија. Toj вели дека „мора да се изменат рестриктивните и демотивирачките одредби од Законот за судска служба“. Се додека тоа не се случи, додава тој, ќе се преземат и други мерки кои ги дава Законот, за да службениците ги остварат своите права.

Во врска со штрајкот, денеска министерот за правда, Аднан Јашари, рече дека најверојатно ќе побара уште една средба со преставниците на судските службеници и судската администрација, за да се анализираат нивните барања и да се се заземе дефинитивен став.

„За жал не постигнавме да ги усогласиме ставовите во однос на нивните барања, но како министер за правда сум отворен и најверојатно ќе побарам уште една средба за да седнеме и да ги анализираме нивните барања и да се се заземе дефинитивен став“, рече Аднан Јашари.

Законски одредби кои според Здружението за судска администрација се противуставни, недоречени и нелогични:

– Законските одредби од Законот за судска служба кои ги регулираат условите на вработување на судскиот администратор, исто така имаат недостатоци, и тоа во делот каде што е предвидено дека судскиот администратор се избира од редот на судските службеници од категоријата Б, кои треба да ги исполнуваат посебните услови за работно место за ниво Б1 на раководни судски службеници. Оваа одредба во судството е целосно неприменлива од причини што во ниту еден суд во Република Македонија нема раководни судски службеници.

– Законот за судска служба од 2014 година не ја регулира постапката за оценување на судскиот администратор. Сметаме дека оваа постапка треба да биде целосно уредена во овој закон, што би значело регулирање на формата, начинот, критериумите и правната заштита. Притоа, да се имаат предвид последиците од нејзиното недоследно регулирање, посебно во делот каде што се нарушува професионалниот карактер и интегритетот на судскиот администратор и неговото објективно и законито постапување. Исто така, во оваа постапка за оценување на судскиот администратор недостасуваат критериуми што би биле  објективни, мерливи и од суштинско значење за правилно спроведување на постапката за оценување, без притоа да бидат нарушени принципите на објективност, професионалност и правичност.

– Поради наведеното, како и според природата на работите и спецификите на работењето на судската администрација, потребно е да се зголемат надлежностите на Советот на судска служба, со што Советот на судска служба би добил позначајна улога и надлежности со кои би се пополниле недореченостите и празнините кои го уредуваат работењето на вработените во судската служба, а кои ги има во голема мера во Законот за судска служба од 2014 година.

– Во делот на законските одредби за пополнување на испразнетите и новоотворените работни места по било кој основ, од 2008 година, кога Законот за судска служба за прв пат стапи во сила, досега не профункционира, односно воопшто не се стави во функција интерниот оглас, иако би требало да му се даде приоритет на интерниот оглас пред јавниот оглас, од причина што во судовите работат судски службеници со долгогодишно професионално искуство чијашто единствена можност за унапредување и мотивација е примената на интерниот оглас. Неприменувањето на интерниот оглас влијае демотивирачки врз судските службеници. И Законот за судска служба од 2014 година не го решава ова прашање.

– Законските одредби што се однесуваат на начинот на оценување на судските службеници демотивирачки и ограничувачки бидејќи строго е утврден процентот на казнување и наградување. Акцентот е ставен на казнувањето, а не на наградата како мотив за поквалитетно и стручно извршување на работните задачи. Одредбите за оценување се преклопуваат со одредбите за дисциплинска одговорност.

Делот на оценување треба да предизвика мотивација, да има карактер на наградување. Оценувањето треба да има правилно утврдени критериуми за утврдување на оценката на вработените, но никако не смее да биде лимитирано со процент. Критериумите треба да се утврдат преку подзаконски акти, и тоа за секоја група судски службеници посебно, имајќи ги предвид спецификите на секоја група, а вклучувајќи ја и судската полиција.

– Во постојниот Закон за судска служба не постојат одредби за додаток на плата за кариера на судските службеници коешто сметаме дека треба да биде предвидено поради фактот што тоа би претставувало уште еден од мотивите и оправданоста на оценувањето.

– Во истиот закон не постојат законски одредби со кои ќе се регулира правото на  степен на кариера што го стекнале судските службеници со Законот за судска служба од 2008 година и со измените и дополнувањата од 2010 година.  Имено треба да постојат законски одредби во кои ќе биде регулирано правото на степен на кариера, како и износот на додаток за степен на кариера што треба да им биде пресметан како дополнителни бодови во делот на плата за звање.

М.В

ШТРАЈК НА СУДСКИТЕ СЛУЖБЕНИЦИ: „Да се измени штетниот и демотивирачки Закон за судска служба!“

„Ќе ја бојкотираме работата на судовите доколку не се измени Законот за судска служба“ – БОРЧЕ МИРЧЕСКИ, претседател на Здружението на судска администрација

 ЗДРУЖЕНИЕТО НА СУДСКА АДМИНИСТРАЦИЈА БАРА ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА СУДСКА СЛУЖБА: Законот е противуставен, демотивирачки и дискриминирачки

НЕ БИДЕТЕ ОПУШТЕНИ, МОЖЕТЕ ДА БИДЕТЕ ОТПУШТЕНИ – УПОЗ ги повикува судските службеници, судските полицајци и административните службеници на првомајски протест