/ Прочитано:

4.809

(ФОТО) Симулирано судење во граѓанскиот суд

Во Основниот суд Скопје II Скопје беше одржано симулирано судење на кое активно учество зедоа слушателите на почетна обука од Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, како и студенти од Правниот факултет при Универзитетот „Американ колеџ“.

Симулираноното судење беше предводено и под менторство на судијката Љубица Колиќ од Основниот суд Скопје II Скопје.

Студентите во симулираното судење беа вклучени во својство на судии-поротници, додека пак дел од слушателите беа активни учесници во постапката. Тие разработија случај од областа на граѓанското право.

Студентите од Правниот факултет при Универзитетот „Американ колеџ“ велат дека денешното симулирано судење претставува извонредно практично искуство за нив.

Беше многу интересно и корисно за нас, велат студентите по право, што на денешното судење непосредно се споделија судиските искуства и знаења за конкретен судски процес.

Предност беше и тоа што, додаваат студентите од „Американ колеџ“, можевме и да соработуваме со слушателите на почетната обука од Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.

Шестата генерација слушатели на Академијата својата обука ја реализираат преку теоретски и практичен дел. Теоретскиот дел составен од 3 модули ќе трае 9 месеци и ќе се спроведува во Академијата за судии и јавни обвинители.

Практичниот дел трае 15 месеци и ќе се спроведува во основните судови и основните јавни обвинителства со проширена надлежност. Симулираното судење во Основниот суд Скопје II Скопје е дел од практичната обука на идните судии и обвинители.

Академијата врши и континуирано стручно усовршување и унапредување на знаењата на веќе избраните судии и јавни обвинители при вршењето на нивната функција.

Во согласност со Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, Академијата како институција врши прием и стручно усовршување на идните судии и јавни обвинители.

М.В