(ФОТО) Цариниците задржаа поголема количина дезодоранси и торби
Петок, 26 април 2013 – 6.186 дезодоранси и 50 торби задржаа царинските службеници од граничниот премин Богородица поради сомнение дека повредуваат права на интелектуална сопственост на познати трговски марки. Инаку денеска се одбележува Светскиот ден на интелектуалната сопственост и по тој повод е спроведено јавно уништување на одземени предмети.
Како што соопшти Царинската управа, дезодорансите се пронајдени вчера при влез во Република Македонија во турски камион натоварен со збирна стока, наменета за фирма во Косово. Фактурната вредност на стоката изнесува 148 илјади денари, но доколку би се продавале како оригинал вредноста би достигнала над 60 илјади евра.
Претходно, цариниците на граничниот премин Ќафасан при контрола на патничко моторно возило со скопски регистерски таблички пријавено за влез во државата, управувано од македонски државјанин во кое патувал и албански државјанин, открија 54 торби со ознаки на познати трговски марки. Вредноста на торбите, доколку би се продавале како оригинал би можела да достигне до 1.500 евра.
Стоката е задржана и во двата случаи заради утврдување на нејзината оригиналност, согласно Законот за царински мерки за заштита на правата од интелектуална сопственост.
Денеска се одбележува Светскиот ден на интелектуалната сопственост и по тој повод е спроведено јавно уништување на одземени предмети со кои се повредени правата од интелектуална сопственост. Акцијата ја организира Координативното тело за интелектуална сопственост при Владата на Република Македонија. Во депонијата Дрисла ќе бидат уништени производи одземени при акции на државните органи за што е потврдено дека повредуваат права од интелектуална сопственост и за кои се донесени правосилни и извршни кривични и прекршочни одлуки на надлежните судови.