(ФОТО) Во Тетовско запленет арсенал на оружје и муниција

Вторник, 30 април 2013 – Во две одделни акции за расветлување на неколку разбојништва кои во изминатиот период се случија во Тетово и околината, тетовската полиција синоќа откри поголемо количество оружје од автоматски пушки, до рачни фрлачи  и муниција, во тетовското село Порој. 

„При вчерашниот претрес на куќата на И.А.(20) во Порој што бил реализиран со соодветна судска наредба, полициски службеници во плакар во една од собите пронашле автоматска пушка завиткана во крпа, две рамки со вкупно 38 куршуми калибар 7,62 милиметри, ловечка пушка калибар 12 милиметри , ремен со 11 патрони, 7 куршуми за „Магнум“ 357, метален пендрек, гумена полициска палка, 16 искористени СИМ-картички и оружен лист на име А.А (73). Сето пронајдено со потврда е одземено и фотодокументирано, а Ш.А (41), мајка на И.А, кој за време на претресот не бил во куќата и кој е во бегство и се бара, приведена е во СВР Тетово“, на денешната прес конференција изјави портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски.

За втората акција полицијата информира дека е извршен во село Порој во куќата на А.К. (28). При претресот пронајдени се: пиштол „Шадлер“ со 16 куршуми калибар 7,62 милиметри, две торби со шест гранати за рачен ракетен фрлач калибар 40 милиметри, една чаура со таков калибар, двоглед, автоматско оружје од непозната марка и калибар од југословенско производство, гасен пиштол „Екол-туна“ калибар 6,35 милиметри со четири куршуми, еден пригушивач, 6 мобилни телефони, фантомка, неколку парчиња облека и обувки.

Против осомничените И.А и А.К полицијата информира дека ќе поднесе кривични пријави.