/ Прочитано:

2.380

Франк-Валтер Штајнмаер, доктор по право, е новиот германски претседател

За овој социјалдемократ, кој беше кандидат за претседател на владејачката коалиција, гласаше убедливо мнозинство, односно 931 член на Сојузното собрание, кое е составено од 630 пратеници во Бундестагот и 630 делегати од 16-те германски сојузни покраини, меѓу кои и еминентни актери, спортисти, писатели, новинари и поранешни функционери. Неговата кандидатура ја поддржаа и опозициските партии, Партијата на зелените и Либерално-демократската партија.

Омилениот политичар на мнозинството Германци и лицето на германската дипломатија, Франк-Валтер Штајнмаер е новоизбраниот претседател на Германија. 61-годишниот Штајнмаер, досегашен министер за надворешни работи, важи за исклучителна политичка фигура во земјата, без ниту една афера во неговата 25-годишна кариера, а високоценет е и од страна на неговите неистомисленици.

За овој социјалдемократ, кој беше кандидат за претседател на владејачката коалиција, гласаше убедливо мнозинство, односно 931 член на Сојузното собрание, кое е составено од 630 пратеници во Бундестагот и 630 делегати од 16-те германски сојузни покраини, меѓу кои и еминентни актери, спортисти, писатели, новинари и поранешни функционери. Неговата кандидатура ја поддржаа и опозициските партии, Партијата на зелените и Либерално-демократската партија.

Актуелната канцеларка Ангела Меркел, која прва му ја честиташе новата функција, изјави дека Франк-Валтер Штајнмаер го очекуваат сериозни и тешки предизвици, но дека тој е човекот во кого има целосна доверба.

„Господин Штајнмаер ќе биде претседател во тешки времиња, а јас верувам дека тој ќе може успешно да се носи со оваа улога, се разбира, со цел полесно да се преброди товарот со кој се соочува Германија, а сите ние. Го познавам долги години. Соработувавме многу во периодот кога тој беше министер за надворешни работи и можам да кажам дека и во најтешките ситуации тој секогаш имаше правилна стратегија и инстинкт за да ги пронајде најдобрите можни решенија“, истакна Меркел.

Претседателот на Сојузното собрание на Германија, Норберт Ламерт, рече дека Штајнмаер е вистинскиот човек за претседателската функција во земјата, дека тој е силна политичка фигура која во моментов ѝ е потребна не само на Германија, туку и на Европа.

„Во време кога ниту рускиот претседател, Владимир Путин, ниту пак претседателот на САД, Доналд Трамп, не покажуваат интерес за зајакнување на Европа, ние направивме вистински избор за лидер. Штајнмаер како лидер на Германија ќе биде лидер за силна Европа“, истакна Ламерт.

Веднаш по прогласувањето на победата, Штајнмаер изјави дека Германија треба да биде пример за цврстина и одлучност за сите останати европски земји.

„Германија ги инспирира останатите да бидат храбри бидејќи постојано покажуваме дека нашата држава може да биде уште подобра. Постојат вредности во оваа земја кои и понатаму цврсто треба да ги негуваме“, потенцираше Штајнмаер.

Франк-Валтер Штајнмаер студирал право и политички науки на Универзитетот во Гисен, каде што за прв пат се вработил како научен соработник, а во 1991 година станал доктор по право. Наредните седум години, односно од 1991 до 1998 година, работел во Владата на Покраината Долна Саксонија како близок соработник на тогашниот покраински премиер, Герхард Шредер.

Откако Шредер станува канцелар на Германија, политичката кариера на Штајнмаер оди во нагорна линија. Тој е назначен за шеф на Канцеларијатот, и во тој период е заслужен за многу реформи, како и за контрола на тајните служби и тајните надворешно-политички преговори.  

Со доаѓањето на Меркел на власт, во 2005 година, Штајнмаер е назначен за прв социјалдемократски министер за надворешни работи во Вили Брант, а во ноември 2007 година тој ја зазема и функцијата вицеканцелар на Германија.

Претседателскиот мандат на Франк-Валтер Штајнмаер почнува на 19 март.

А. Б.